Надлежните очекуваат раст на заболени од грип, а пикот се очекува кон средината на февруари. Почетокот на второто полугодие за учениците и дружењето на луѓето во затворен простор поради ниските температури, се дел од факторите што придонесуваат бројот на заболени да расте во овој период.
– Секоја година се зголемува бројот на заболени од грип до средината на февруари, кога се очекува пикот. Со години тоа е така. Пикот е во втората половина на февруари. Ќе растат бројките уште, но, споредено со минатите години, нема никаква разлика во однос на тоа како е сега. Дури ако споредиме со лани, оваа година состојбата со заболени лица од грип е нешто подобра. Тоа што бројот на заболени ќе расте, не зависи само од училиштата, таква е динамиката на раст на бројот на заболени од грип – појасни за МИА, портпаролот на Комисијата за заразни болести Злате Мехмедовиќ.
Мехмедовиќ препорачува децата кои веќе имаат развиено симптоми налик на грип, да бидат изолирани и да не одат во училиште.
Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје, од 6 до 12 јануари пријавени биле 1.053 случаи на групни пријави за заболени од грип и слични заболувања, или 3,2 пати повеќе во споредба со претходната недела.
– Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на таканаречените ризични групи согласно препораките на СЗО: лица над 65 години, деца на возраст од шест до 59 месеци, лица постари од шест месеци со хронични болести, бремени жени и здравствени работници – подвлекуваат од Институтот.
Заклучно со втора недела од 2025 година, во државава вакцинирани се вкупно 72.318 лица со бесплатна или комерцијална вакцина против грип.