По завршената истражна постапка што ја водеше Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, до Основниот кривичен суд во Скопје е поднесено обвинение против десет лица и едно правно лице. Меѓу обвинетите се членови на организирана криминална група која се занимавала со посредување во проституција, перење пари, и недозволена трговија со дрога, а еден полициски службеник е обвинет и за оддавање службена тајна.
Според обвинението, организираната група била формирана од првоосомничениот, кој ги организирал и координирал активностите на останатите членови од 2020 до октомври 2024 година. Членовите на групата, која вклучувала затворски полицаец и полициски службеник, вршеле различни криминални дејства, а дел од нивните приходи биле прикривани преку нелегални активности.
„Во текот на истражната постапка, тројца од осомничените го признаа извршувањето на делата и се спогодија со обвинителството. Врз основа на предлог спогобите на две лица за сторени кривични дела злосторничко здружување и меовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори им се изречени затворски казни во траење од 2 години и 3 месеци и од 1 година и 8 месеци, а службеното лице е осудено на казна затвор во траење од 1 година и 8 месеци за сторени кривични дела злосторничко здружување и оддавање службена тајна. За осомничениот кој е недостапен на органите на прогонот постапката е прекината до негово пронаоѓање“, се појаснува во соопштението.
Во постапката се определени мерки кон вреден недвижен имот во Тетово и Гостивар, вреден подвижен имот – возила, накит и часовници од значителна вредност, како и парични средства и други предмети што потекнуваат и се принос од кривичните дела.
„Имајќи ги предвид околностите, поврзаноста на обвинетите и кривичните дела што им се ставаат на товар, јавниот обвинител цени дека во моментот мерката притвор е единствена со која во моментот може да се обезбеди присуство на обвинетите и непречено водење на постапката истата, па му предложи на судот истата да биде продолжена за секој од нив“, соопштија од Јавното обвинителство.