Владата на Албанија ѝ додели статус на стратешки инвеститор на компанија поврзана со Џаред Кушнер, зетот на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп. Компанијата на Кушнер ќе гради луксузен туристички центар на ненаселениот остров Сазан, на кој во минатото имало воена база.
Комитетот за стратешки инвестиции на чело со премиерот на Албанија Еди Рама го прифати предлогот на „Atlantic Incubation Partners“ проектот да се реализира на 45 хектари, со инвестиција од 1,4 милијарди евра.
Констатирано е дека проектот е во согласност со законот за економски инвестиции, а се проценува дека ќе вработи околу 1.000 луѓе.
Минатата година Кушнер ги претстави плановите за изградба на туристички одморалишта на албанските острови Звернец и Сазан и за проект во Белград поврзан со зградата на поранешниот Генералштаб.
Островот Сазан во минатото се користел исклучиво како воена база. Со декретот потпишан во декември од претседателот Бајрам Бегај овој остров веќе не е на списокот на локации за распоредување и обука на вооружените сили на земјата.
Островот и сега е интересен за туристите. Дел од Агенциите го нудат како посебна атракција.
Албанскиот премиер Еди Рама претходно изјави дека, од островот Сазан, инвестицијата на Кушнер, ќе направи „бисер на туризмот на Медитеранот“.