Две новороденчиња, близначиња, на возраст од 20 дена, починале вчера околу пладне во Прилеп.
Јавен обвинител од основното јавно обвинителство од Прилеп нареди обдукција за да се утврди причината за нивната смрт.
Според јавниот обвинител Стевчо Биноски, новороденчињата, машко и женско, биле во тешка здравствена состојба. Семејството повикало итна помош.
– Семејството во селото Славеј повикало итна помош. Близначињата биле во тешка здравствена состојба. Екипата на итната помош штом пристигнала констатирала смрт кај едното бебе, а другото било префрлено во прилепската болница во тешка состојба, каде починало. Семејството живее во екстремно лоши услови и има уште три деца. Наредив обдукција за да се утврди причината за смртта на новороденчињата – изјави обвинителот Биноски.
Известени се надлежните, меѓу кои и Центарот за социјални работи од Прилеп, додаде обвинителот.
Денеска во 12 часот е закажана прес-конференција во Центарот за социјални работи.