Данската премиерка Мете Фредериксен му кажа на Доналд Трамп дека Гренланд има право да одлучува за својата иднина, пренесува Би-Би-Си, oткако новоизбраниот американски претседател предизвика бура во Копенхаген минатата недела кога навести дека САД сакаат да го купат арктичкиот остров лоциран на данска територија.
За време на 45-минутниот телефонски разговор, Фредериксен вчера му кажала на Трамп дека Данска е подготвена да ја зголеми својата одговорност за безбедноста на Арктикот. Таа ги повторила и изјавите на гренландскиот премиер Муте Егеде, кој неодамна јасно стави до знаење дека Гренланд не е на продажба.
Трамп ја изрази својата желба да го купи Гренланд уште во 2019 година. Откако Фредериксен го нарече предлогот апсурден, Трамп нагло ја откажа посетата на Данска. Во телефонскиот разговор Фредериксен нагласила и дека данските компании придонесуваат за растот и работните места во САД и дека е во интерес на Европската унија и САД да ја зајакнат трговијата.
Минатата недела Трамп и се закани на Данска со високи царини доколку не се откаже од Гренланд, што предизвика загриженост кај данските бизнисмени. САД се вториот најголем извозен пазар во Данска, така што целните царини би имале значително влијание врз нивната економија.
Денес, Фредериксен ќе одржи, како што го нарекуваат данските медиуми, кризен состанок со бизнис лидерите, вклучително и директорите на пивскиот гигант Карлсберг и фармацевтската компанија Ново Нордиск, позната по лековите за дебелина и дијабетес кои се популарни во САД. Предвиден е и вонреден состанок на Советот за надворешна политика, на кој ќе присуствуваат претставници од целиот парламент.