Новата прва дама на САД се отвори за нејзините планови за нејзиниот втор мандат во Белата куќа во интервју за „Фокс њуз“.
Таа објасни дека јавноста не ја гледала толку често во првиот мандат бидејќи била зафатена со одгледување на синот Барон, кој имал 11 години кога нејзиниот сопруг Доналд Трамп првпат станал претседател.
Како што најави таа, овојпат нејзините планови се поосмислени и посериозни.
– Знам каде одам. Ги знам во собите во кои ќе живееме. Го знам процесот – рече Меланија, потврдувајќи дека таа и нејзиниот сопруг ќе се преселат во најпознатата претседателска резиденција.
Првата дама на САД очекува овој пат овој потег да биде значително полесен, сугерирајќи дека тоа е делумно поради тоа што таа не мора да се потпира на своите претходници за информации за домот.
– Првиот пат беше предизвик, немавме многу информации – изјави таа за „Фокс њуз“.
Меланија вели дека немала многу поддршка, можеби затоа што некои луѓе ја гледаат само како сопруга на претседателот.
– Но, јас стојам на моите две нозе, независна, јас имам мои размислувања, јас имам свои „да“ и „не“, не се согласувам секогаш со мојот сопруг, со она што го вели или го прави тој, и тоа е во ред. Го советувам, понекогаш ме слуша, понекогаш не… и тоа е во ред – вели Меланија.
Таа за „Фокс њуз“ тврди дека Барак Обама криел различни информации кога првпат се вселиле во Белата куќа, правејќи ја транзицијата „предизвикувачки“.
Транзицискиот тим на Белата куќа ќе има пет часа да ги пресели Бајденовите од резиденцијата, а Трамповите повторно да се вселат, објасни Меланија.
– Сè треба да се испланира до минута – рече таа, не криејќи дека е возбудена што Белата куќа повторно ќе стане нејзин дом.
Меланија, која се подготвува да се врати во претседателската резиденција на 20 јануари откако нејзиниот сопруг, новоизбраниот претседател Доналд Трамп, ќе положи заклетва, додаде дека верува дека им претстојат возбудливи четири години.