Џо Бајден повика на уставна измена на претседателскиот имунитет во своето проштално обраќање како претседател на САД, очигледно напаѓајќи го својот наследник, Доналд Трамп, објави Хил.
– Мораме да го смениме Уставот за да стане јасно дека ниеден претседател не е имун на злосторствата, извршени додека бил на функција. Моќта на претседателот не е неограничена. Таа не е апсолутна. И не треба да биде – посочи Бајден во обраќањето до нацијата од Овалната соба.
Бајден во понеделник ќе му ја предаде претседателската функција на Трамп кој убедливо победи на изборите во ноември.
Во јули, Врховниот суд на САД пресуди дека поранешните претседатели имаат широк имунитет од гонење за службени дела, што е голема победа за Трамп.
Конгресот би можел да ја поништи оваа важна одлука со измена на Уставот, но овој процес е познат како тежок за спроведување бидејќи бара поддршка од две третини и во Претставничкиот дом и во Сенатот, по што ќе следи ратификација од 75%од државите.