Најмалку 25 лица загинаа во шумските пожари во Лос Анџелес кои продолжуваат да предизвикуваат огромни разурнувања во американската сојузна држава Калифорнија.
За следните денови се предвидуваат посилни ветрови, кои би можеле да предизвикаат поголеми проблеми и да го рашират пожарот, соопштија во средата властите.
Два пожари во областите Итон и Палисадес изгореа повеќе од 40.000 хектари вегетација, уништувајќи повеќе од 12.300 домови, бизниси, цркви и училишта.
Пожарникарите сè уште работат на локализирање на пожарот, но властите предупредуваат дека условите може да се влошат во текот на следната недела бидејќи се очекуваат посилни ветрови.
Националната метеоролошка служба во Лос Анџелес објави дека добрата вест е што времето ќе се подобри, но лошата вест е што следната недела се уште се очекуваат силни ветрови кои би можеле да ја влошат ситуацијата во некои области.
Причината за пожарот се уште не е утврдена, но истражителите не ја исклучуваат можноста да се работи за подметнување пожар.
Одделот за шумарство и противпожарна заштита во Калифорнија исто така истражува дали електричните водови можеби го предизвикале пожарот во Итон, во кој загинаа 16 луѓе.
Според претседателот Џо Бајден, прелиминарните проценки за штетите од шумските пожари се проценуваат на десетици милијарди долари.
„Ова ќе биде, ако не и најскапата, меѓу најскапите катастрофи во историјата на САД“, рече Бајден.
Технолошките гиганти Гугл и Јутјуб најавија донации од 15 милиони долари за напорите за помош и закрепнување по шумските пожари.
Дизни вети и 15 милиони долари помош, покрај отворањето на својот магацин за гардероба за вработените и нивните семејства кои ги загубија своите домови во пожарите.
Холивудските познати личности, исто така, придонесуваат во напорите за закрепнување. Актерите Леонардо ди Каприо, Ева Лонгорија и Џејми Ли Кертис најавија донации од по еден милион долари. Фондацијата BeyGood на пејачката Бијонсе донираше 2,5 милиони долари.