Дизајнерката на ентериер Ен од Франција за францускиот канал ТФ1 раскажала како станала жртва на голема измама поради која на непознат маж му испратила 830.000 евра мислејќи дека е холивудскиот актер Бред Пит.
Измамникот, тврди Ен, ја контактирал преку Инстаграм, претставувајќи се како мајка на актерот, Џејн Ета Пит.
Еден ден подоцна, таа добила уште една порака од друг профил на која наводно пишувало: „Здраво, Ен. Мајка ми ми кажа многу за тебе. Би сакал да знам повеќе за тебе“.
Ен рекла дека во тоа време поминувала низ тешка брачна криза, поради што чувствувала дека може да и се довери на оваа личност – која на крајот ја злоупотребила нејзината доверба.
„Станува збор за Бред Пит. Прво си реков дека сето тоа е лажно, но не разбрав што навистина се случува. Потоа, тој почна да ми пишува секој ден и станавме пријатели“, рекла Ен.
„Толку малку мажи пишуваат такви работи. Ми се допадна мажот со кој разговарав. Знаеше како да разговара со жени, секогаш го правеше тоа на многу атрактивен начин“, додала таа.
„Бред Пит“, вели Ана, во еден момент и напишал дека има рак на бубрегот и дека, поради разводот со Анџелина Џоли, не може да си дозволи средства за лекување.
Тој и испратил фотографии од болницата (дури и од оперативната сала), создадени со помош на вештачка интелигенција. Тие никогаш не разговарале на телефон бидејќи, според Ен, секогаш биле премногу зафатени.
По неколкумесечно допишување, Ен се согласила да се омажи за човекот кој и праќал пораки. На крајот му уплатила пари за „лекување“ на лажна сметка.
Таа почнала да се сомнева во неговиот идентитет кога во медиумите се појавиле фотографии од Бред Пит со неговата девојка Инес де Рамон.
Таа ангажирала инспектори кои набрзо ја откриле вистината – таа никогаш не комуницирала со Бред Пит. Меѓутоа, било предоцна.
Странските медиуми јавуваат дека Ен потоа завршила во болница и и била дијагностицирана тешка депресија. Не е познато дали успеала да си ги врати парите, но истрагата наводно е во тек.
Овој инцидент се случил откако портпаролот на Бред Пит предупреди дека две други жени биле измамени преку интернет на ист начин.
„Ужасно е што измамниците ја искористуваат силната врска на фановите со познати личности. Не одговарајте на такви пораки, особено од актери кои воопшто немаат присуство на социјалните мрежи“, порачал тој.