Српскиот претседател Александар Вучиќ на Икс објави дека денеска од Азербејџан бил информиран дека нема да има прекин на испораките на гас за Србија, како што претходно беше најавено.
„Нашите браќа и пријатели од Азербејџан штотуку ме информираа дека, без оглед на објективните проблеми предизвикани од виша сила, нема да има прекин на гас за Србија. Мојата бескрајна благодарност до Азербејџан и претседателот Илхам Алиев, кого со нетрпение го очекувам наскоро во Белград “, објави Вучиќ.
Вучиќ вчера рече дека добил информација од Азербејџан дека во наредниот период, поради проблемите што ги имаат, нема да можат да испорачуваат 1,7 милиони кубни метри гас во Србија секој ден и оти Србија ќе мора да ги троши своите резерви доколку проблемот не се реши брзо.
Бугарската државна компанија за гас во изминатите денови објави дека Азербејџан на 6 јануари ја известила дека од 7 до 11 јануари нема да има испораки на гас поради технички проблеми. Агенцијата Бета пренесе дека Бритиш Петролеум ја затворил гасната платформа Шах Дениз и ја прекинал испораката на гас поради проблеми што ги идентификувале на неа.