Управата за хидрометеоролошки работи за претстојната ноќ најави врнежи кои, почнувајќи од север, ќе преминуваат во снег и во пониските места, а пообилни ќе бидат во втората половина од ноќта. До изутрина на повеќе места ќе се формира снежна покривка.
В недела, на 12 јануари, во текот на целиот ден ќе има врнежи од снег, а на места, особено во западните делови, ќе бидат обилни (локално над 40 литри на метар квадратен). Снежната покривка ќе се зголемува, особено на планините (локално и за над 50 сантиметри). Позначителна снежна покривка (над 20 сантиметри) ќе се формира и во југозападните делови. Поради ниските температури и поради засилениот северен ветар, ќе има појава на голомразица и снежни наноси.
Повремени врнежи од снег ќе има и в понеделник, а потоа во следните денови ќе преовладува студено време со услови за провејување на слаб снег.
Во Скопје, почнувајќи од денеска, во ноќните часови и во текот на утрешниот ден ќе има врнежи од снег, повремено пообилни. До утре изутрина ќе се формира снежна покривка која во текот на денот ќе се зголемува. Ќе дува умерен до засилен северен ветер. Повремен снег ќе има и во понеделник.