Американскиот актер Алек Болдвин поднесе тужба за злонамерно гонење и кршење на граѓанските права против оние кои се вклучени во кривичната пријава против него за смртта на кинематограферката Халина Хачинс на сетот на филмот Rust. Во тужбата, меѓу другото, се наведува дека обвинителите намерно прикриле докази кои би го ослободиле Болдвин.
Во тужбата се тврди и дека „на секој чекор барале жртвено јагне“ со цел „злонамерно да го покренат или забрзаат“ судењето и осудата на американскиот актер, пренесува германската новинска агенција dpa. Тој, исто така, тврди дека обвинителите, вклучително и специјалната обвинителка Кари Морисеј и окружната обвинителка во Санта Фе, Мери Кармак Алтвис, биле „заслепени од нивната желба да го осудат Болдвин поради погрешни причини“.
Во изјава за британската новинска агенција PA, Морисеј рече дека во октомври 2023 година, тимот на обвинителството дознал дека Алек Болдвин имал намера да поднесе одмаздничка граѓанска тужба. Таа додаде дека со нетрпение го чекаат овој ден на суд.
Тужбата беше поднесена помалку од еден месец откако Морисеј ја повлече жалбата на судската одлука за отфрлање на обвинението за убиство од небрежност против Болдвин. Обвинението го товари за одговорност за смртта на директорката на фотографија Халина Хачинс по пукањето на сетот на филмот „Рѓа“ во Санта Фе во 2021 година. Болдвин, како главен актер и копродуцент на вестернот, пукал со пиштол при што ја уби снимателката и го рани режисерот Џоел Соуза.
Судењето на актерот за ненамерно убиство беше поништено во јуни минатата година врз основа на недолично однесување на полицијата и обвинителството, кое ги задржа доказите за муницијата против одбраната. На актерот му се заканува затворска казна до 18 месеци доколку биде прогласен за виновен.
Неговите адвокати, Лук Никас и Алекс Спиро, по поднесувањето на тужбата за ПС изјавија дека кривичното гонење треба да биде насочено кон барање вистина и правда, а не „стремење лична или политичка корист или вознемирување на невините“. Кари Морисеј и другите тужители, велат тие, постојано го прекршиле овој основен принцип и ги газеле правата на Болдвин. „Ја поднесуваме оваа тужба за да побараме одговорност од тужителите за нивното недолично однесување и да ги спречиме да го прават тоа на некој друг“, додаваат тие.