А море Закерберг, до вчера нè фалеше, сега не ти чиниме!

Lorita
By Lorita 7 Min Read
Disclosure: This website may contain affiliate links, which means I may earn a commission if you click on the link and make a purchase. I only recommend products or services that I personally use and believe will add value to my readers. Your support is appreciated!
- Advertisement -
Ad image

Фондацијата „Метаморфозис“ го пренесе мислењето на Европската мрежа за стандарди за проверка на факти (ЕФЦСН) дека „силно ги осудува“ изјавите на извршниот директор на „Мета“ кој најавува дека почнувајќи од САД, тој ја прекинува употребата на независна проверка на фактите на своите платформи.

„ЕФЦСН е разочарана од одлуката на ‘Мета’ да ја прекине својата програма за проверка на факти, почнувајќи од САД, и притоа силно ги осудува изјавите на извршниот директор кои ја поврзуваат проверката на фактите со цензурата“, се наведува во реакцијата на ЕФЦСН, објави веб-страницата на Метаморфозис.

Оваа реакција следува по најавите на Марк Закерберг дека ја прекинува употребата на независната проверка на фактите на своите платформи, почнувајќи од САД.

– Ова повеќе изгледа како политички мотивиран потег направен во контекст на идната администрација на Доналд Трамп во САД одошто на одлука заснована на докази – изјави Клара Хименез Круз, претседателка на ЕФЦСН.

Мрежата ја охрабрува Европската Унија да се спротистави на политичкиот притисок и да не дозволи тој да ги наруши нејзините напори за справување со ширењето дезинформации на големите онлајн платформи. Како што потенцираат оттаму, проверката на факти не е цензура и таа дава контекст и факти за секој граѓанин врз основа на кои потоа самиот си одлучува. Проверката на фактите е докажана како ефикасна во борбата против дезинформациите.

Едно е да проверуваш факти, а друго е да цензурираш

„Поистоветувањето на проверката на фактите со цензурата е лажно и злонамерно тврдење. Проверувачите на факти не ‘цензурираат’ никого. Нашите членови истражуваат и објавуваат докази за потенцијално лажни тврдења. Отсекогаш станувало збор за одлука на ‘Мета’ што да прави со етикетата за проверка на факти за содржината, а не наша одлука“, се наведува во соопштението на ЕФЦСН.

Oттаму потсетуваат на изјавата на Закерберг.

– Проверувачите на факти едноставно беа премногу политички пристрасни и уништија повеќе доверба одошто создадоа – изјави Закерберг.

„Ова е лага. Проверувачите на факти се водат според највисоките новинарски стандарди за непристрасно известување, транспарентност, интегритет и одговорност, при што организациите како ЕФЦСН ги поддржуваат овие стандарди преку независно спроведена ревизија. Поврзувањето на проверката на фактите со цензурата е штетно бидејќи таквите лажни тврдења се една од движечките сили зад вознемирувањето и нападите врз проверувачите на факти. Дополнително, овие тврдења може само да го влошат и онака горливото прашање кое влијае врз проверувачите на факти ширум светот“, се додава во соопштението на ЕФЦСН.

- Advertisement -
Ad image

Со оглед на тоа што неколку европски земји се упатуваат кон изборите во 2025 година, платформите, кои се повлекуваат од борбата против погрешните и дезинформациите, дозволуваат, па дури и потенцијално повикуваат на мешање во изборите, особено од странски актери. Особено ЕУ мора да застане цврсто во спроведувањето на сопствените закони, дури и наспроти притисокот од другите земји.

Од ЕФЦСН потенцираат дека во соопштението од „Мета“, исто така, системот за означување проверени дезинформации се изедначува со цензура, а во соопштението се наведувало наведувајќи дека „Програмата, наменета за информирање, пречесто станува алатка за цензурирање“.

„Ова е всушност спротивно од функционирањето на системот за означување. Означувањето на дезинформациите им овозможува на корисниците сами да донесат информирана одлука за тоа која содржина ќе ја споделат или ќе ја коментираат“, велат од ЕФЦСН.

- Advertisement -
Ad image

„Закерберг нѐ фалеше, а сега не му чиниме“

Всушност, како што се додава, само минатата година пред парламентарните избори во ЕУ, „Мета“ ја нагласи ефективноста на својот систем за означување, наведувајќи: „Помеѓу јули и декември во 2023 година, на пример, над 68 милиони содржини, прегледани во ЕУ на Фејсбук и на Инстаграм, имаа ознаки за проверка на факти. Кога е ставена ознаката за проверка на факти, 95% од луѓето не кликнуваат за да ја видат“.

„Мета“, исто така, претходно ја прослави својата Програма за проверка на факти од трети страни како успешна и корисна за корисниците, наведувајќи: „Знаеме дека оваа програма функционира и луѓето гледаат вредност во ознаките за предупредување што ги прикажуваме на содржините откако партнерот за проверка на факти ќе го оцени”.

Во најновото соопштение, извршниот директор на „Мета“ алудира на „премногу грешки и премногу цензура“, но најновиот извештај на „Мета“ за транспарентност, според DSA, покажува дека грешките во проверените содржини влијаеле само на 3,15% од луѓето вкупните поплаки за деградирање на Фејсбук.

Понатаму, од ЕФЦСН посочуваат дека моделот на Забелешки на заедницата (Community Notes), предложен како алтернатива на Програмата за проверка на факти од трети страни, исто така, има слабости.

„Забелешките на заедницата може да се најкорисни во спротивставувањето на лажните тврдења кога се засноваат на соодветна експертиза и работа за проверка на факти. Во контекст на изборите во САД во 2024 година, Појнтер објави дека Забелешките на заедницата на Икс, во најдобар случај, имале исклучително маргинален ефект во борбата против изборните дезинформации. Од друга истрага, пак, организацијата членка на ЕФЦСН, „Сајнс фидбек“, откри дека повеќето од содржините на Икс (поранешен Твитер) за кои проверувачите на факти утврдиле дека се лажни или погрешни, немале видливи знаци дека биле модерирани“, се вели во соопштението на ЕФЦСН.

Европската мрежа за стандарди за проверка на факти е здружение на организации за проверка на факти кои се обврзуваат на стандардите за независност, транспарентност и за новинарски квалитет, наведени во Европскиот кодекс на стандарди за независни организации за проверка на факти. Со над 50 потврдени членови низ Европа, ЕФЦСН е гласот на европските проверувачи на факти. Фондацијата „Метаморфозис“ е еден од основачите и е членка на ЕФЦСН којашто целосно ги исполнува пропишаните стандарди.

Share This Article