Бадниковите поворки напладне ги исполнија центрите на градовите низ Македонија. Православните христијани денеска го празнуваат Бадник, предвестието на Божик. Со Божикни ѕвезди во рацете и со многу љубов и радост о најавија големиот христијански празник, Христовото раѓање Божик.
Најмасовната поворка беше во Битола, каде што над пет илјади учесници предводени од градоначалникот Тони Коњановски, покровител на манифестацијата, чекореа од Широк сокак до Офицерски дом.
– Низ годините покажавме дека организираме најмасовна поворка на која секогаш и овој пат дечињата порачаа дека по љубовта препознаваат дека сме Христови. Сакаме мир, сакаме љубов, сакаме да нема нетрпеливост и да има простувања. Прекрасен беше овој ден во Битола – изјави за МИА, Јасна Николовска, организатор на манифестацијата.
Во рамки на програмата пред Офицерски дом настапија црковниот хор Свети Спилијан и деца учесници на Бадниковата поворка.
Во Крива Паланка поворката годинава броеше околу седумстотини дечиња тргна од плоштадот „Карпошово востание” пред општината, се движеше низ централната градска улица, сѐ до плоштадот каде што на сите дечиња им беа поделени божиќни колачиња кои за оваа пригода ги подготвија учениците од Средното општинско училиште „Ѓорче Петров”-Крива Паланка, под менторство на професорите од гимназијата, во соработка со СУДЕКУ тим врсници-родители, по традиционален рецепт од возрасните.
Во прекрасна празнична атмосфера, на преполниот плоштад, продолжи заедничката прослава во духот на христијанската традиција, во организација на локалната самоуправа на Општина Крива Паланка, во соработка со НУ Центар за култура Крива Паланка, ЛУ Градски музеј, училиштата од градот, заедно со МПЦ, Кумановско Осоговската епархија, Кривопаланечко архиерејско намесништво.
Сплотени, на големиот бадникарски ден, со хармонија и љубов, жителите на градот си посакаа желби за добро здравје и благосостојба во секој дом.
Свештениците ги благословија подготвените лепчиња од страна на годинешната кума Милевка Николиќ, по што се делеа на граѓаните, а меѓу пријавените годинава најсреќна беше Весна Илиева.
Од страна на учениците од СОУ „Ѓорче Петров” како и секоја година беше подготвена посна трпеза и специјалитети кои се продаваа по симболична сума, а средствата ќе бидат наменети за учениците од гимназијата, матуранти во социјален ризик.
Со Бадникова поворка и пеење на песната „Вечниот бог“, денеска беше најавено Христовото раѓање во Кавадарци.
Поворката, што по осми пат се организираше во градот, тргна од црквата “Света Петка“, помина преку централното градско подрачје и стигна до градскиот плоштад. Пред зградата на општината, децата со подароци ги пречека кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев.
– Бадник е голем христијански празник. Задоволство е да се види кога од млади години се почитува верата – рече меѓу другото Јанчев.
Свештените лица се осврнаа на значењето на празникот и на тоа како тој правилно да се одбележува. Пред присутните се обрати протоереј Сашо Ристов.
– Дечињата ги претставуваат ангелите божји. Тие се без грев по душа и тело и претставувајќи ги ангелите божји, го наговестуваат раѓањето на нашиот спасител, Господ Исус Христос – рече Ристов.
Празникот Бадник беше одбележан и во соборниот храм во Тетово. Таму денеска Литургија отслужија митрополитот г. Јосиф и свештеници од тетовското архијерејско намесништво.
По литургијата како и секоја година надлежниот владиката г. Јосиф ги благослови децата бадникари кои тргнаа со поворка од соборниот храм „Св. Кирил и Методиј“ пеејќи ја песната Вечниот Бог.
– Подготвени да го пречекаме Христа Господа и по примерот на мудреците да му принесеме свој дар, дојдовме во овој Божји дом, кој за нас денес ја претставуваа Витлемската пештера, будни да го дочекаме Бог. Денес е Бадник, а зборот Бадник доаѓа од зборот бдеење, а бдеење значи да се биде на штрек, да се очекува да се случи нешто необично. А има ли нешто понеобично од тоа самиот Бог, Синот Божји, Второто Лице на Света Троица, Кој предвечно се раѓа од Отецот, заради нас луѓето и заради нашето спасение – порача митрополитот.
Откако заврши празничната служба во црквата, се формираше Бадниковата поворка. Од црквата се упатија до плоштадот, па до пазарот и продолжи по булевар „Благоја Тоска“ па сè до трговскиот комплекс „Тетовчанка“. Поворката се движеше и по улица „Борис Кидрич“, покрај Дом на АРМ, зад Центар за култура и назад на плоштадот.
На плоштадот се одржа забава на која настапија дел детскиот хор „Лале“ со диригентката Теодора Ветеровска, КУД „Шара“, Детскиот хор Крешендо на диригентките Марија Пулковска Здравковска и Фотини Георгиадис Кировска и вокалните солистки Јана Глигорова и Јована Богдановска.
Претпладнево во чест на Бадник се благословија кумските лебови и бадникот во манастирот Свети Георгиј Победоносец во тетовска Мала Речица.
Бадник беше одбележан и во Струмица. Денеска, во организација на Фондацијата „Елеуса“ при Струмичката епархија и Школата за веронаука при храмот „Свети Кирил и Методиј”, и со поддршка на Општина Струмица, се одржаа традиционалниот Бадникарски концерт и Бадниковата поворка.
– Дечињата на дело покажуваат дека сме на ден пред празникот над празниците. Струмица како центар на православието веќе четврта година по ред го најавува Христовото раѓање преку ангелскиот глас на најмалите струмичани и струмичанки. На сите струмичани им посакувам мир, среќа и благосостојба и секако да го славиме Бог, оти само тој е нашиот вечен владател – изјави градоначалникот Костадин Костадинов.
Викарниот епископ Стобиски Јаков рече дека денешниот Бадникарски концерт и поворка извира од црквата, бидејќи децата кои учествуваат биле на Светата литургија која се служела утрово во Црквата „Свет Кирил и Методиј“.
– Пораката која јас ја испраќам не би требало и не смее да се разликува од онаа порака, песна што ангелите ја испееја пред повеќе од 2 илјади години, а на пастирите и на светот им ја објавија најрадосната вест и вечно новата новост дека се роди Христос, дека Бог стана човек за ние да станеме богови по благодет. Бог стана слуга заради нас и наше спасение за ние да го вратиме достоинството на господари на сета природа и Бог стана човек за да ни објави дека неговата добра волја, неговото благоволение на неговиот син е нашата единствена надеж – изјави Владиката Јаков.
И во Куманово голем број деца со ѕвездички во рацете низ поворка ја пееја песната „Вечниот бог“. Нив ги поздравија кумановци, а од локалната власт добија пакетчиња.
– Мило ми е што Занаетчисиот дом е преполн со деца очекувам наредната годишна уште повеќе и традицијата се практикува од најмали нозе, особено поздрав до родителите и организаторите – рече претседателката на советот Ивана Ѓорѓиевска.
Низ улиците на Куманово славеа и коледарите кои поминаа низ главните градски улици, во соборниот храм „Свети Никола“, поделија бадникови гранчиња.
Во средното училиште „Наце Буѓони“ се организираше традиционална заедничка тршеза на Бадник „Празниците зближуваат“ која со години ја организира Отсекот за превенција, на која учениците и наставници од сите средни училишта во коиа наставата се изведува на македонски и на албански наставен јазик, споделија честитки за празникот кој ги зближува младите од различни религии.
фото: МИА