Пристигнуваат бројни честитики за верскиот празник Рамазан Бајрам кој муслиманите го слават денеска. Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова упати честитка до граѓаните од исламска вероисповед и до поглаварот на Исламската верска заедница Реис-ул-улема х. хфз. Шаќир еф. Фетаху.
„Од сè срце Ви посакувам празничните денови да ги поминете во хармонија и благосостојба, исполнети со радост и среќа, споделувајќи љубов и внимание со најблиските.
Годинава во светиот месец Рамазан, во месецот на пост, молитва и простување, ни се случи незапаметена трагедија којашто нè потресе како заедница и како индивидуи. Нашите мисли се со семејствата на настраданите и со повредените. Без разлика на верска, етничка или каква било припадност, сите се солидаризираме и заедно тагуваме“, вели претседателката во честитката додавајќи дека живееме во свет разбрануван од геополитиката во кој како држава треба да бидеме сплотени и обединети.
Премиерот Христијан Мицкоски упати честитка до сите граѓани од исламска вероисповед, посакувајќи им добро здравје, радост, среќа, мир и спокој во семејствата. Тој потсетува дека Рамазан Бајрам е празник на солидарност и хуманост, кој ги учи богатите да се воздржат од личните удобвства и да не ги заборават сиромашните и сираците.
„Овој празник значи дека преку добри дела, заемно почитување, трпение и меѓусебно разбирање можеме да го победиме лошото. Заедно преку соработка, соживот, толеранција, вистински вредности и принципи ќе продолжиме да ја градиме заеднички Македонија во попросперитетна држава“, пишува Мицкоски во честитката.
Премиерот додава дека нивната заложба како Влада е да ги негуваат културата, традицијата, различностите, но пред се да реализираат проекти кои значат економски развој и напредок за подобар и поквалитетен живот на сите граѓани.