Американскиот претседател Доналд Трамп ќе има „годишен рутински медицински преглед“ во Воената болница „Волтер Рид“ во близина на Вашингтон во петок, објави неговата портпаролка Каролин Ливит во соопштението во среда.
Трамп (79) бил на преглед во април, по што изјавил дека е во „одлична здравствена состојба“.
Белата куќа објави во јули дека Трамп, најстариот претседател некогаш избран во САД, има венска инсуфициенција, проблем со тешкотии при враќањето на крвта од нозете во срцето.
Потоа Каролин Ливит одговори на шпекулациите за можен здравствен проблем на републиканскиот претседател, по објавувањето на фотографии на кои се гледаат модринки на неговата рака.
Таа рече дека тоа е резултат на „честите ракувања“ и земањето аспирин, „како дел од стандардната терапија за спречување на кардиоваскуларни заболувања“.
Доналд Трамп не пие алкохол ниту пуши, но не ја крие својата склоност кон газирани пијалоци и синџири за брза храна.
„Претседателот Трамп размислува да оди на Блискиот Исток веднаш по (медицинскиот преглед)“, рече Ливит.
Трамп објави дека во текот на викендот би можел да отпатува на мировните преговори за Блискиот Исток меѓу израелските преговарачи и милитантната група Хамас, кои веќе неколку дена се одржуваат во Шарм ел Шеик, Египет.