Пратениците во Собранието не го поддржаа Законот за ограничување на нивните патни трошоци што го предложи Левица.
– Нудиме насушно потребно ограничување на патните трошоци. Јавноста веќе долго го артикулира овој проблем и директно влијае врз достоинството на Собранието, пратениците и политичкиот систем. Како анти-естаблишмент партија, ние пробуваме да го вратиме она што народот некогаш го имаше – политичка моќ. Овие кои денес ја владеат државата ВМРО-ДПМНЕ, токму нивниот министер или фридманист – Трајко Славески ги укина патните трошоци за работниците – истакна Амар Мециновиќ, пратеник и портпарол на Левица.
Тој додаде дека Левица нуди конструктивна равенка.
– Да беше популистички овој закон, ќе ви поднесевме повторно укинување на патните трошоци што, патем, претходниот мандат, ДПМНЕ го гласаше, кога СДСМ беше на власт. Ние сега, врз основа на конструктивност, ви нудиме равенка да се пресметуваат патните трошоци. 6,5 литри на секои изминати 100 км. Затоа што сега противзаконската одредба погрешно се толкува, затоа и цицате пари за армотизација, цицате пари за патарини. Со оваа наша одредба, еднаш засекогаш, јасно да ги дефинираме патните трошоци, за да не можете вие да се богатите врз основа на вашата фрустрација што не сте министри – додаде тој.
Лидерот на Левица Димитар Апасиев искоментира на својот профил на Фејсбук:
„Честито нови милиони евра, колеги патриоти. Со здравје да си ги трошите.“
Даниела Белимова, пратеничка на Движењето ЗНАМ, на денешната прес конференција по повод предлогот на Левица рече дека нејзината партија ќе ги „игнорира сите предлози чија единствена цел е популизам и креирање театар на секоја тема“.
– Пратениците од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија ниту досега наплаќале, ниту од сега ќе наплаќаат патни трошоци. Само еден колега од пратеничката група за 7 месеци има добиено приближно 30.000 денари по сите основи – гориво, патарини и амортизација, што претставува помалку од реално направените трошоци за превоз од и до Собранието – рече Белимова.
Таа додаде дека ако некој ги злоупотребува патните трошоци, треба да биде санкциониран и изнесен пред судот на јавноста.