Последното рочиште на судењето за трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани не само што не донесе нови докази и факти, туку го зацврсти чувството дека фокусот веќе и изгубен и дека процесот почнува да се врти околу самиот себе. Наместо пет најавени сведоци, судницата во Идризово остана без ниту едно живо сведочење. Наместо доказна динамика, јавноста повторно виде паузи, процесни расправи, отсутни сведоци, читање претходно дадени искази и нови дилеми околу тоа во која насока навистина се движи овој предмет.
Рочиштето на 16 април: покажа дека процесот суштински веќе е во слепа улица, далеку од магистралата што води кон она што семејствата на жртвите јавноста го очекуваат – јасна, концентрирана и ефикасна правда.
Според дел од извештаите од рочиштето, во судницата најпрво се читале известувања за психофизичката состојба на сведоци, а дополнителна нервоза внело и доцнењето на спроводот за еден од 35-те обвинети, кој бил носен од сѕтрана на СВР Тетово, од куќен притвор. Тоа доцнење, од околу два часа, можеби само по себе не менува ништо во суштината на обвинението, но совршено ја доловува сликата на еден преобемен процес што веќе тешко се менаџира – доволно е да попушти една алка и целата расправа да заглави во застој.
На рочиштето на 16 април видовме судирот меѓу Обвинителството и одбраната околу сведоците кои веќе дале искази, но само пред јавен обвинител – а сега, поради нивната тешка психофизичка состојба, Обвинителството сака да ги повлече, или нивните претходни искази да се користат по исклучок како доказ во судската постапка. Тоа прашање не е ни техничко, ни споредно. Напротив, тоа оди во самото срце на постапката.
Јавното обвинителство побара психијатриски вештачења за Ана Томева и Лина Крстова, за да се утврди дали нивната здравствена состојба претставува душевно заболување и дали поради тоа не се способни повторно да сведочат непосредно пред судот. Судот го прифати предлогот и најави дека дури потоа ќе одлучува за евентуална примена на член 388 став 5 од Законот за кривична постапка, односно за можноста наместо нивно непосредно сведочење да се читаат претходно дадените искази.
Одбраната се спротивстави на ова решение, со аргумент што не може лесно да се оттурне како процесна тактика. Ако вештачењето утврди состојба што го исклучува или сериозно го нарушува капацитетот за непосредно сведочење, тогаш неизбежно се отвора и прашањето за тежината и за веродостојноста на претходно дадените искази пред јавен обвинител, затоа што само вродена состојба може да е причина за целосно исполнување на барањето на обвинителството. Тоа е правно чувствителна точка. Во секоја сериозна кривична постапка, одбраната има право не само да го слушне сведокот, туку и да ја тестира неговата изјава пред судот. Кога тоа изостанува, постапката формално продолжува, но доказната сила на материјалот станува далеку покревка.
Токму тука вчерашното рочиште, иако без спектакуларни сцени, отвори едно од најважните прашања за иднината на предметот: дали овој процес може да ја издржи тежината на сопствената конструкција, ако сè почесто наместо сведоци слушаме медицинска документација, психијатриски вештачења и претходно дадени искази?
Фактите од вчера одат токму во таа насока. Александра Пепеларовска и Теа Ѓорѓиевска не биле обезбедени за расправата затоа што обвинителството не успеало да стапи во контакт со нив. За Дарио Трифунов беше кажано дека се наоѓа во Бугарија на студии, на непозната адреса, по што судот прифати да се врши проверка на неговата достапност. Со други зборови, Обвинителството вчера пред судот не донесе ниту еден од сведоците што самото ги најавило како дел од својата доказна постапка.
Кога Обвинителството во предмет од ваква тежина не успева да обезбеди присуство на сопствените сведоци, тогаш логично се отвора дилемата дали доказната стратегија е прецизно поставена, или е преголема за да биде ефикасно управувана. А токму тоа е линијата што со недели се провлекува и во претходните наши анализи: дека обемноста сама по себе не е доказ за сила, туку многу често симптом на недостаток на фокус.
Последното рочиште ја потврди таа теза на можеби највидлив начин досега. Судот формално постапува, обвинителството формално предлага, одбраната формално приговара, но материјалниот ефект е речиси никаков. Рочиште без ниту еден сведок тешко може да се претстави како ден во кој правдата се приближила.
Напротив, ваквите непродуктивни денови и часови зачестија и ќе ги има уште повеќе. Тие ја зголемуваат нервозата кај сите засегнати страни. Се нервираат семејствата на жртвите, затоа што гледаат дека времето минува, а одговори нема. Не им е лесно и на преживеаните, на кои не им е јасно дали и кога ќе мора да сведочат и што се очекува да кажат за да ја поткрепат неодржливата теорија во обвинението. Нервозата се шири и кај обвинетите и нивните бранители, бидејќи секое ново пролонгирање ја продолжува неизвесноста. И јавноста е вознемирена, зашто гледа дека во судница без некоја јасна цел се трошат време, енергија и доверба.
Дека исказите на сведоците нема да ја докажат теоријата на обвинението за „верижна одговорност“ се виде и при читањето на исказот на Денис Даутовски, сведок кој не е достапен на органите на прогонот. Наместо живо испрашување, судот слушаше претходно даден исказ. А содржината на тој исказ повторно ја насочува вниманието кон оперативното јадро на настанот: организацијата на настапите, сцената, сопствениците на локалот и пиротехниката. Според пренесеното, Даутовски навел дека сцената по правило била одговорност на сопствениците на локалите и дека за „Пулс“ прскалките ги набавил Панчо. Во друга верзија на пренесениот исказ, се наведува и дека не знаел дали употребата на прскалките воопшто била пријавена кај надлежен орган.
Ова е важен момент, не затоа што сам по себе решава нешто, туку затоа што повторно ја фокусира одговорноста на фактичката реалност. Наместо расправа каква што сакаа да наметнат обвинителите, за некаква растегната и повеќегодишна „верижна одговорност“, упорно пак се појавуваат елементи што го враќаат вниманието на многу конкретни прашања: кој ја реновирал дискотеката, со какви материјали, кој ја набавил пиротехниката, кој ја поставувал, кој раководел со сцената, кој го контролирал просторот, кој управувал со ризикот во самата ноќ на трагедијата итн.
Токму затоа, не е тешко да се разбере зошто одбраната во вакви рочишта гледа потврда за својата основна теза: дека процесот е премногу широк, а фактичката слика, кога конечно ќе се отвори во судница, упорно се враќа на конкретни дејствија, на конкретни лица и на конкретни пропусти, наместо кон приказната за маглива и масовна одговорност распослана низ институции и години.
Секако, тоа не значи дека одбраната автоматски е во право по секоја точка. Но значи дека нејзините приговори веќе не може да се отфрлат како голо одолговлекување. Вчерашното рочиште покажа дека дел од клучните процесни пречки се наоѓаат и во самата структура на доказната постапка на обвинителството.
Особено тешка слика од вчера е реакцијата на родителите на загинатите. Според дел од извештаите, тие гласно негодувале во судницата, сметајќи дека со ваквиот пристап дополнително се оптоваруваат лица кои веќе преживеале тешка траума. Тој револт е човечки разбирлив. Но, правниот проблем што се отвора е уште подлабок: ако процесот се движи така што едни сведоци не можат да дојдат, други не можат да се најдат, трети се во странство, а четврти ќе бидат предмет на вештачење, тогаш ова судење влегува во опасна зона во која никој нема да биде задоволен.
Семејствата нема да добијат брза правда. Преживеаните нема да добијат заштита од нова траума без ново враќање во постапката. Судот нема да добие стабилна и чиста доказна линија. И тука е можеби најважниот заклучок од вчера: проблемот на процесот „Пулс“ сè помалку изгледа како проблем на поединечно рочиште, а сè повеќе како проблем на концепт.
Кога процесот е поставен толку широко, секој доказ станува мал спор сам за себе. Секој сведок отвора нова процедурална дилема. Секое отсуство произведува ново одложување. Секоја здравствена состојба станува предмет на дополнително вештачење. Секоја недостапност бара нова проверка. Така, наместо линија што води кон пресуда, јавноста добива лавиринт што самиот се шири.
Вчерашниот ден во Идризово затоа не треба да се чита само како „рочиште без сведоци“. Тој ден треба да се чита како предупредување. Предупредување дека процес со 35 обвинети, со голем број сведоци и со обвинителна конструкција што од почеток е оспорувана како преширока, веќе покажува знаци дека тешко ќе стигне до брз и чист епилог.
А токму брзиот и чист епилог е она што најмногу им е потребно на семејствата на 63 загинати. Не им треба спектакл. Не им требаат рочишта во кои доминираат процесни импровизации. Не им треба впечаток дека предметот е огромен, ако од ден на ден станува сè потешко да се придвижи. Им треба судска постапка што ќе може јасно да одговори кој што направил, кој што пропуштил и како токму тој пропуст довел до трагедијата.
Вчерашното рочиште не нè доближи до тој одговор. Напротив, уште еднаш покажа дека без поголем фокус, без поконцентрирана доказна стратегија и без појасно индивидуализирање на одговорноста, случајот „Пулс“ лесно може да стане уште еден тежок, скап и долг судски маратон.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
