Нуклеарните преговори меѓу Иран и САД, за запирање на ескалацијата на иранската нуклеарна програма, траеја 2 часа и може да продолжат на 19 април, објавија иранските државни медиуми.
Разговорите во Мускат, главниот град на Оман, се одржаа во посебни простории со официјални лица од Оман кои пренесуваа пораки до иранската и американската делегација.
Според извештаите на иранските државни медиуми, втората рунда разговори најверојатно ќе се одржи на 19 април за да се разговара за пошироката рамка на потенцијалниот договор.
Иран беше претставен од министерот за надворешни работи Абас Арагчи, ветеран од нуклеарните преговори со глобалните сили од 2013 до 2015 година. Американскиот специјален пратеник Стив Виткоф ја претставуваше администрацијата на Трамп.
Непосредно по индиректните разговори за иранската нуклеарна програма во Оман, заменик-министерот за надворешни работи на Иран, Абас Арагчи, објави дека средбите со САД се одвивале во „продуктивна и позитивна атмосфера“.
-Ниту една страна не е заинтересирана за бескорисни преговори, за преговори кои губат време.Многу сме блиску до договор. За време на денешниот состанок, мислам дека прилично се приближивме до основата за преговори – изјави иранскиот министер за надворешни работи за државната телевизија.
Арагчи, во објава на Телеграм, соопшти дека по завршувањето на индиректните преговори, двете делегации имале и куса директна средба.
Министерот за надворешни работи на Оман, Бадр бин Хамад бин Хамуд ал Бусаиди, кој беше посредник во разговорите, исто така изјави дека тие се одржале во „пријателска атмосфера која придонела за приближување на ставовите“.