Судот го прифати предлогот на јавниот обвинител и определи мерка притвор за сите 6 лица осомничени во случајот со трговија за дрога, објави денеска Основото јавно обвинителство. Мерката за двајца од осомничените ќе се применува по нивно пронаоѓање, додека двајца од осомничените веќе се наоѓаат во притвор.
За кривичното дело што му се става на товар на првообвинетиот, согласно Кривичниот законик запретена е казна затвор во траење од најмалку четири години, додека за корисниците на сексуалните услуги е предвидена казна затвор од шест месеци до пет години.
Шестмината се осомничени за кривично дело „трговија со луѓе“. Првоосомничениот во текот на девет години брак ја злоупотребил сопругата, вршејќи ѝ психичко и физичко насилство и ја принудувал на сексуална експлоатација по пат на проституција заради стекнување на парична корист и наркотична дрога.
На 16.02.2025 полициски службеници од Националната единица за борба против криумчарење мигранти и трговија со луѓе при МВР во координација со Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, реализираа акција во која се лишени од слобода две лица за кои постои основано сомнение дека сториле кривично дело „трговија со луѓе”. Имено, предметот беше оформен во ОЈО Тетово во ноември минатата година, кога на првоосомничениот му била изречена мерка притвор поради семејно насилство, а по преземените дејствија е утврдено дека станува збор за кривично дело „трговија со луѓе”, по што истиот е препратен на надлежност на ОЈО ГОКК. Врз основа на сознанијата и обезбедените докази, донесена е наредба за спроведување на истражна постапка против шестмина осомничени за кривично дело „трговија со луѓе”.
„Претставувајќи ја како своја пријателка, првоосомничениот, во периодот од септември 2023 година до 20.11.2024 година, во повеќе наврати ја принудил својата сопруга да дава сексуални услуги во угостителски објекти во Тетово и Гостивар, во нивниот семеен дом, како и во семејните куќи на корисниците на сексуалните услуги. Тој стапувал во контакт со останатите осомничени – корисници на услугите, го договарал местото, како и надокнадата која била во пари или соодветна грамажа на наркотична дрога – кокаин. Додека жртвата била со корисниците, првоосомничениот имал целосна контрола, следејќи ја понекогаш и преку видео повик, а потоа откако ќе му ги дадела парите или дрогата, ја претепувал, ја горел со цигари и ѝ нанесувал тешки повреди од кои со денови се опоравувала“, се вели во соопштението.