Местото на оваа мала земја е во Европската Унија, но не по секоја цена, порача денеска премиерот Христијан Мицкоски. Тој го повика Европскиот совет уште на следната седница да испрати заклучок дека никој од нив нема проблем со посебниот македонски идентитет, јазик и култура, а источниот сосед да покаже европска зрелост и да ги почитува пресудите од Меѓународниот суд за човекови права.
– Мораме да испратиме јасна политичка порака – ДА за Европската Унија, НЕ за билатерални услови и ДА за гаранции од страна на Европскиот совет, којшто ако навистина сака да ја види оваа мала земја како дел од Европа, мора да испрати заклучок уште на следниот Европски совет во којшто јасно ќе кажат дека никој од нив нема проблем со посебниот македонски идентитет, со македонскиот јазик кодофициран пред 80 години и со повеќевековната култура и традиција. И да кажат нема повеќе вето и препреки поради билатералните прашања. А, нашиот источен сосед мора да покаже европска зрелост и вистински европски вредности и да го почитува меѓународното право кое вели дека пресудите од Судот за човекови права треба да се спроведат и конечно македонскиот народ во Западна Бугарија да го добие тоа што одамна и припаѓа, а тоа е да успеат да се здружат во заедница, а потоа да номинираат свој претставник во министерскиот совет за малцински права во бугарската Влада. Тоа се црвените линии – истакна Мицкоски.
Осврнувајќи се на патот кон Европската Унија во изминатите години, Мицкоски рече дека отстапките се секогаш на грбот на македонскиот народ и дека патот до полноправно членство во Унијата е полн со нечесни удари и откажувања, но дека немаме друга опција.
Пречката што мора да се премости, како што посочи, е Францускиот предлог прифатен од СДСМ, за која, рече, дека сега прави политички маневр со нејзините црвени линии.
– Нашата огромна пречка на патот кон ЕУ е прашањето со нашиот источен сосед и т.н. Францускиот предлог што претходната влада сама го прифати. Сега тоа е пречката што мора да се премости. Но, да не заборавиме и на едно огромно лицемерие што се гледа во тоа што истите што нè убедуваа дека нема подобар од Францускиот предлог и дека идентитетот се штити, сега се обидуваат преку политички маневар да цртаат црвени линии што треба да нè заштитат од предлогот што самите го прифатија на маса – нагласи Мицкоски.
Според него, граѓаните со право се загрижени околу клучното прашање дали ова е последната отстапка што треба да се направи.
– И денес, кога работите се неправедни и тешки, има такви од опозицијата што заговараат да се откажеме од преговори. Ајде да го прифатиме и тоа, но истите мора да кажат која е алтернативата на тоа откажување за државата и сите нејзини поколенија, и дали имаме право да го прекинеме сонот во кој веруваме. Има и такви што ќе речат дека не е фер патот до ЕУ. Кога се формираше целта за членство во Европската Унија, никој нам не ни ветуваше фер игра, напротив, судбината на малите народи и држави во голема мера зависеше од игрите на поголемите народи и држави. Нашата умешност мора да биде да ги реализираме нашите цели низ еден таков контекст на работите. И секогаш мора да има план А и план Б, но целта мора да останува иста – порача Мицкоски.
Додаде дека секогаш има план Б и дека нема сила што ќе го натера да донесе погрешна одлука за државата.
– Затоа им пречам на нашите противници, затоа сум предмет на кампања полна со лаги и клевети, затоа што тие живеат на грбот на народот и државата, а ние за татковината и народот. И морам да ви кажам – најважно од сè ми е да бидам чесен и искрен кон народот и да останам со неизвалкан образ, и нема цена што може тоа да го смени или сила што ќе ме натера да донесам погрешна одлука кога во прашање е Македонија. И секогаш има план Б, кој ќе значи заштита на сè она во што веруваме, и знам дека никогаш нема да ве разочарам. Во оваа битка сме заедно и ќе продолжиме да бидеме заедно до остварување на нашата заедничка цел – за Македонија што има иднина и надеж – рече Мицкоски на централната прослава во Прилеп организирана по повод Денот на народното востание – 11 Октомври.