Еден од најпопуларните јутјубери во светот, Мистер Бист (MrBeast), чие вистинско име е Џими Доналдсон, во средата откри дека неодамна ја запросил својата девојка Теа Бујсен.
Споделувајќи фотографија од моментот, Мистер Бист напиша: „Да, момчето направи нешто“.
И Бујсен и Доналдсон може да се видат како носат божиќни џемпери со тема MrBeast во видеото што Теа го објави на својот профил на Инстаграм, каде го покажа својот дијамантски свршенички прстен.
Таа за магазинот „Пипл“ откри дека се свршиле на Божиќ во друштво на нивните семејства.
„Моето семејство долета од Јужна Африка за Божиќ и планиравме да го поминеме Божиќ во нашата куќа, така што двете семејства беа тука. Ги отворавме подароците, а потоа за последниот подарок тој ме замоли да ги затворам очите бидејќи беше изненадување“, открила таа.
Бујсен додала дека секако рекла „да“ и дека е исклучително возбудена.
Двојката се запознала преку заеднички пријател во 2022 година во Јужна Африка, од каде што е Бујсен. Истата година, тие ја официјализираа својата врска на црвениот тепих на Nickelodeon Kids Choice Awards.
Доналдсон е популарен јутјубер, претприемач и продуцент на неговото истоимено натпреварувачко ријалити шоу „Beast Games“. Бујсен исто така создава содржини на Јутјуб.
Мистер Бист неодамна го собори рекордот за најследена личност на Јутјуб, а воедно е и најплатениот јутјубер во светот. Неговото богатство се проценува на 500 милиони долари. Тој е посветен на хуманитарната работа. Во ноември 2023 година, тој изгради 100 бунари во Африка, обезбедувајќи чиста вода за повеќе од половина милион луѓе.