Македонските карате студенти обезбедија пласман во 2 финалиња на Европската универзијада на боречки спортови што се одржува во Варшава, Полска. Ова се случува по одржаните борби од првиот ден.
Ангела Мојсовска (68 кг) од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, членка на К.К. „Макпетрол“, и Ључе Михајлов (75 кг) од Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип, во понеделник ќе се борат за златните медали, известуваат од Универзитетската карате репрезентација на Македонија.
Мојсовска имаше одличен настап во категоријата до 68 килограми, остварувајќи 3 победи против каратистки од Хрватска, Босна и Херцеговина и од Косово, со што се пласира во големото финале. Михајлов, пак, успеа да избори финале во категоријата до 75 килограми.
Селекторот на универзитетската репрезентација, Бошко Заборски, e задоволен што се обезбедени 2 финалиња и се надева дека Мојсовска и Михајлов ќе направат сѐ за да освојат златни медали зашто тие поседуваат квалитет, а тоа досега многупати го докажале на европската и на светската сцена.
Петар Заборски, на првиот настап по повредата од една година, се бореше за бронзениот медал, но загуби со минимален резултат. На Стефан Стојановиќ победата му е украдена, а Данило Божовиќ забележа победа и пораз.
На Европската универзијада на боречки спортови во Варшава учествуваат спортисти од 400 униврезитети од 32 држави во 4 спортови.