Русија останува подготвена да дејствува како посредник во конфликтот меѓу Израел и Иран, а претходните предлози на Москва за складирање на ирански ураниум во Русија остануваат на маса, соопшти Кремљ во понеделник.
Претходните предлози на Русија за решение на конфликтот се уште се на маса, но меѓусебните напади меѓу двете земји ја комплицираа ситуацијата, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, во неделата во интервју за ABC News изјави дека е отворен за можноста рускиот претседател Владимир Путин да ја преземе улогата на посредник меѓу Израел и Иран.
Францускиот претседател Емануел Макрон јасно ја отфрли таквата идеја.
„Не верувам дека Русија, која во моментов е вклучена во конфликт со висок интензитет и со години ја игнорира Повелбата на ОН, може да биде посредник“, рече Макрон.
Кина, исто така, повика на дипломатија во понеделник. Таа ги повика Израел и Иран да преземат „итни“ мерки за смирување на тензиите по израелските напади на иранска територија и одговорот на Техеран со испукување ракети во израелските области.
„Ги повикуваме сите страни да преземат итни мерки за што побрзо смирување на тензиите, да спречат понатамошна нестабилност во регионот и да создадат услови за враќање на дијалогот и преговорите за решавање на нивните разлики“, изјави портпаролот на кинеското Министерство за надворешни работи, Гуо Џиакун, на редовната прес-конференција.