Левица предлага намалување на работниот ден на 6 часа без намалување на платите. Ова е поради тоа што власта не сака да ги зголеми платите. Нашиот предлог е конципиран со внимание, да нема буџетски трошоци. Нема наметнато вештачко темпо и сметаме дека доаѓа природно во ова време, соопшти на денешната прес-конференција пратеникот од Левица Амар Мециновиќ.
Осумчасовниот работен ден, како што рече, е остаток од индустриското време и е стандард за полно работно време кое не одговара на овој свет.
– Овој свет кој денес го живееме има зголемена продуктивност, благодарение на технологијата. Обврските на работникот се автоматизираат, дигитализираат и напредуваат на начин што тој веќе не е инволвиран како што бил инволвиран во индустриското време – рече Мециновиќ во Собранието.
Тој посочи дека технологијата напредува, а работниот ден на работниците е исполнет со анксиозност, хроничен замор, исцрпеност и немаат, како што рече, вистински простор за одмор и грижа за семејството.
Предлогот на Левица доаѓа по анализа и посочи дека веќе Исланд, Јапонија, Велика Британија, Шведска, Франција, Германија и други имаат воведено помало работно време или експериментираат со модели за помало работно време. Во регионот, во мај годинава властите на Црна Гора го намалија работното време.
– Сите анализи покажуваат дека резултатите се јасни. Подобра продуктивност, помало отсуство од работа, подобро ментално здравје и зголемена лојалност кон работните обврски на работниците. Ниедна од овие земји не претрпе економски удар, туку напротив многу фирми пријавија раст – рече Мециновиќ.
Тој, како што рече, очекува поддршка од партиите за нивниот предлог и апелира да се вклучат синдикатите, здруженијата на работниците, здруженијата кои се занимаваат со работничките права и очекува поддршка од партиите.