Израелски пар од градот Раанана е уапсен под сомнение за шпионажа за Иран, соопштија полицијата и безбедносната агенција Шин Бет.
За време на претресот на нивниот стан, израелските власти запленија повеќе мобилни телефони, компјутери и други електронски уреди, како и преписка за која се верува дека била водена со ирански агент.
Веста доаѓа еден ден откако тројца израелски државјани беа уапсени во два одделни случаи, исто така под сомнение за извршување задачи за ирански агенти.
Во меѓувреме, Иран уапси стотици луѓе во последните недели под сомнение за шпионажа за Израел или за извршување задачи како што е снимање напади, а најмалку шест лица се егзекутирани откако беа прогласени за виновни за соработка со израелската разузнавачка служба Мосад од почетокот на 12-дневната војна, објави Ал Џезира.