Претседателот на Украина Володимир Зеленски им се обрати на Украинците со видеопорака во која предупреди дека земјата е во еден од најкритичните моменти од почетокот на војната.
Тој зборуваше за исклучително силниот политички и дипломатски притисок од Соединетите Американски Држави и за тешките одлуки што Киев мора да ги донесе во наредните недели.
– Сега доживуваме еден од најтешките моменти во нашата историја. Во моментов, Украина можеби ќе мора да направи исклучително тежок избор: или да го изгуби достоинството или да ризикува да изгуби клучен партнер. Или тежок план од 28 точки или исклучително сурова зима, најсуровата, и дополнителни ризици што претстојат. Живот без слобода, достоинство и правда и принуда да му верува на некој што веќе нè нападна два пати. Тие ќе чекаат наш одговор – рече Зеленски.
Притисокот врз Украина во моментов е меѓу најтешките досега, рече тој.
– Ќе има конструктивно барање решенија со Соединетите Американски Држави. Ќе презентирам аргументи, ќе убедувам и ќе понудам алтернативи, но нема да му дадеме на непријателот никаква причина да каже дека Украина не е подготвена за мир – нагласи украинскиот претседател.
Ние, се разбира, сме направени од челик, но дури и најсилниот метал на крајот може да попушти, рече Зеленски.
– Мора да се собереме, да се освестиме, да ги запреме меѓусебните конфликти и токсичните расправии. Државата мора да дејствува како единствен ентитет. Не смееме да изгубиме од вид кој е нашиот вистински непријател – рече тој.
Тој се осврна и на почетокот на инвазијата.
– Тогаш не ја предадовме Украина и нема да ја предадеме сега. Знам дека народот е со мене. Следната недела ќе биде тешка. Ќе има многу притисок – политички и информативен, со цел да се разделиме и дестабилизираме – рече Зеленски во обраќањето до украинскиот народ.




























