Состојбата со продажбата на храна на улицата Кеј Македонија стана алармантна. На дел од патеката се продаваат некакви смоки, кои се полнат со течен азот, на тезга, без каква било видлива дозвола или контрола.
Редакцијата на „Охридскај“ се обрати до Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ), најнапред до Охридскиот инспекторат. Од таму добивме одговор дека, без писмена наредба од нивната претпоставена од Скопје, извесна Тајна, не можат да постапуваат.
Ја побаравме и г-ѓа Тајна во АХВ Скопје, а оттаму не упатија, наместо новинарско прашање, да поднесеме пријава на телефонскиот број 0800… Кога бевме упорни, не упатија кај портпаролката на АХВ, извесна Велика. Повторно истото, но на крај рекоа дека одговорот ќе го добиеме по електронска пошта.
Денес стигна одговорот од АХВ, во кој се наведува дека Агенцијата, како самостоен орган на државната управа надлежен за безбедноста на храната и храната за животни, здравствената заштита и благосостојбата на животните, нема надлежност за постапување во конкретниот случај. Според АХВ, во однос на прашањето за заштита при работа, надлежен орган е Државниот инспекторат за труд.
Одговорот на АХВ отвора повеќе прашања, отколку што дава одговори. Продажбата на храна на улица, без дозвола и без контрола на условите за нејзино чување и подготовка, е прашање кое директно се однесува на безбедноста на храната, а не на заштитата при работа.
Согласно Законот за безбедност на храната, безбедноста на храната што се става во промет, без разлика дали се работи за угостителски објект, тезга или подвижен пункт, е во надлежност на АХВ, преку нејзините инспекциски служби. Законот пропишува дека операторите со храна мора да ги исполнуваат општите и посебните услови за безбедност, за чување, за одржување на хигиенските стандарди и за означување на производите.
Продажбата на храна на јавна површина, дополнително, е регулирана и со прописите за трговија и со одлуките на локалната самоуправа за користење јавна површина, кои бараат претходно одобрение за поставување тезги и вршење дејност на отворено. Заштитата при работа, за која АХВ упатува на Државниот инспекторат за труд, се однесува на условите за работа на вработените лица, согласно Законот за безбедност и здравје при работа, а не на прашањето дали храната воопшто смее да се продава на улица без дозвола и без надзор.
Останува нејасно зошто АХВ, чија основна законска задача е токму контрола на безбедноста на храната во промет, се повикува на надлежност на Трудовиот инспекторат, чија улога е заштита на вработените, а не на потрошувачите кои ја консумираат храната. Останува отворено и прашањето дали продавачите на смоки со течен азот на Кеј Македонија воопшто поседуваат дозвола за вршење дејност, регистрација како оператори со храна и одобрение за поставување на јавна површина.
Редакцијата на „Охридскај
“ и понатаму бара конкретен одговор, од надлежен орган, за тоа кој треба да изврши контрола на терен.
ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.
© 2025 OhridSky. Сите права задржани.
Please login or subscribe to continue.
No account? Register | Lost password
✖✖
Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.
✖
