Претседателот на Уставниот суд на Република Северна Македонија, д-р Дарко Костадиновски по завршување на 21.седницa денеска (15.10.2025) одржа прес-конференција.
Koстадиновски ги образложи причините за неповедување на постапка во предметот У.бр.70/2025, по поднесена иницијатива од страна на политичката партија „Левица”.
Ја пренесуваме целосната изјава на претседателот Костадиновски:
„Судот одлучи да не поведе постапка, едногласна беше одлуката. Три околности беа релевантни за Уставниот суд да ја донесе оваа одлука. Подносителот на иницијативата на 29 септември 2025 година го оспори Упатството за радиодифузерите за локалните избори 2025 година. Околност што ја ценеше Судот, беше тајмингот за одлучувањето по овој предмет и трета околност беше уставно-судската практика.
Во поглед на Упатството, тоа во хиерархијата на правните прописи е подзаконски акт. Подзаконските акти се потчинети на повисоките акти, односно на законските одредби. Ова Упатство не е ништо друго освен пресликување на законската одредба. Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги(АВМУ) доколку постапела како што предлага подносителот на иницијативата, односно минутажата да биде распределена на трите пратенички групи од власта и трите што се во опозиција, во тој случај Агенцијата би си ги пречекорила своите законски овластувања. АВМУ била должна да го донесе ова Упатство, тоа е втемелено на закон и во суштина само ја операционализира законската одредба од членот 75-ѓ од Изборниот законик. Тоа значи дека нема никаков проблем со законитоста ова Упатство. Уставноста на ова Упатство е сосема друго прашање и тука се земаат предвид другите две околности. Првото е уставно-судската пракса. Овој суд во 2022 година, постапувајќи по иницијатива ја има ценето уставноста на членот 75-ѓ и одлучил да не поведе постапка. Сега повторно истиот подносител на иницијативата, кој е одличен правник но некогаш за жал го злоупотребува доброто познавање на правото за политички цели, повторно го оспорува членот 75-ѓ. Јас сум еден од судиите кои не мислел така како мнозинството во 2022 година и за тоа имам издвоено мислење и не можам да прејудицирам каква ќе биде одлуката на Судот кога ќе постапува по втората иницијатива за оценка на членот 75-ѓ од Изборниот законик, а секако би бил среќен доколку моето издвоено мислење стане мнозинско мислење. Третата околност е што одлуката за Упатството кое беше оспорено ја носиме на два дена пред изборниот молк и Судот ги зема сите можни последици од одлучувањето. За волја на вистината, подносителот на иницијативата како добар познавач на правото имал четири години можност да иницира законодавна акција, тој е и пратеник, да предложи измени и дополнувања на ИЗ, да предложи како ќе се надополнува минутажата одредена со законот.
Сакам еден апел да упатам преку вас медиумите, бидејќи станува збор за подносител на иницијатива, пратеник, професор, сметам дека треба да покаже малку поголема и политичка и правна и академска култура. Тој често користи несоодветен и некоректен речник, квалификувајќи ги постапките на Уставниот суд. Некогаш кога е задоволен од одлуките е во ред, некогаш не е во ред, меѓутоа кога станува збор за професор, претеник треба да покаже едно повисоко ниво на една правна, политичка па и академска култура.
Она што можам да кажам е моето лично мислење, а тоа е дека изборното решение е проблематично и за тоа имам напишано издвоено мислење на околу 15- тина страници, тоа е и веќе објавено во Службен весник, и тоа не само во делот кои се критериумите за распределба туку и самата суштина, дали постои легитимна цел со буџетски пари да се финансира политичка кампања? Но тоа се прашања на кои во наредниот период Судот ќе мора повторно да се произнесе.
Што значи критериумот „резултат од претходните избори”? Што значи во период од 4 години може да се појават нови политички субјекти и некои да згаснат, а плурализмот налага фер и еднакви услови за сите. Со спортски термин да кажам, некои политички партии ја почнуваат утакмицата со 3-0 предност, а некои политички субјекти кои се создале во меѓувреме и уживаат поддршка кај граѓаните можеби не добиваат ништо. Тоа е едната страна и лично мое мислење како судија, мој личен став и така ве замолувам да пренесете. Јас мислам дека со народни пари премногу се плаќаат политичарите, им се плаќа политичката кампања со буџетски пари, со Законот за финансирање на политички партии откако ќе завршат изборите по број на освоени гласови повторно со буџетски пари се плаќа, тие што се власт, тие што се опозиција земаат плати трипати со буџетски пари и откако ќе заврши мандатот некои функционери имаат право на апанажа, тоа се четири пати. Јас од тој аспект како судија го имам проблематизирано прашањето дали постои легитимна цел, дали е оправдано, дали е нужно?“, вели претсседателот на Уставен суд во образложението.