Украинскиот претседател Володимир Зеленски ќе пристигне утре во Анкара за да се обиде да го врати во живот мировниот процес околу војната во Украина, но без присуство на руски преговарачи, потврди портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
– Не, утре нема да има руски претставници во Турција – изјави Песков, јави Ројтерс.
Според Зеленски, главната цел на посетата е „да се оживеат преговорите и да се развијат конкретни решенија што ќе им се понудат на партнерите“. Тој додаде дека Киев подготвува и нова рамка за размена на заробеници со Москва.
Меѓутоа, Кремљ го обвини Киев дека го замрзнал процесот во Истанбул и дека „режимот во Киев не одговорил на прашањата што биле поставени“, пренесува ТАСС.
Русија, според Песков, останува на своите „главни барања“, што значи дека мир сè уште не е на повидок.
Истовремено, специјалниот пратеник на претседателот на САД, Стив Виткоф планира утре да ја посети Турција и да учествува во разговори со Зеленски, соопшти турски извор.
Песков појасни дека рускиот претседател, Владимир Путин, во моментов нема планови да контактира со Виткоф или со турските претставници.
Сепак, Песков вели дека Москва е отворена за разговори за решение, факт што е добро познат во Вашингтон, Истанбул и Киев, пренесе Риа новости.
Од друга страна, украинската страна инсистира дека мировните разговори треба да продолжат под посредство на Турција, која веќе одигра значајна улога во постигнувањето на претходните договори за размена на заробеници и за извоз на жито преку Црното Море.
Посетата на Зеленски во Турција следи по неговиот денешен престој во Шпанија и се очекува да донесе нов дипломатски импулс во застојот на конфликтот што трае веќе повеќе од три години.
Делегации на Москва и Киев се состанаа двапати од мај оваа година на директни разговори во турската метропола. На средбите беа договорени неколку размени на воени заробеници и тела на загинати војници.




























