Background

ЗАПОЧНА 37. ИЗДАНИЕ НА “ПОЕТСКА НОЌ ВО ВЕЛЕСТОВО”

Со пригодна свеченост, вчеравечер во селото Велестово беше означен почетокот на  37 –то издание на интернационалната културна манифестација, “Поетска ноќ во Велестово”.

‎Манифестацијата се реализира со поддршка на Општина Охрид , а на свеченото отворање поздравен говор имаше градоначалникот Кирил Пецаков.

– Во денешниот свет на брзи зборови и мисли во кој доминираат технологијата, виртуелната реалност и вештачката интелигенција, поезијата е една мала искра која блеска силно во тишината на нашите емоции.

Нејзината светлина е кратка, но има моќ да ги разбуди љубовта и надежта во нашите срца. Таа е повик да го почувствуваме сето она што сме заборавиле да го чувствуваме.

Почитувани поети, драги љубители на пишаниот збор, ценети организатори, драги гости.

Во оваа прекрасна августовска вечер, под ѕвезденото небо, на овој величествен планински предел, по 37-ми пат, ќе слушнеме уникатни стихови, кои ќе ни докажат дека поезијата како уметничка форма на човечкиот јазик е начин на живеење, начин на поврзување, начин на разбирање на светот и себе си.

Поетската ноќ во Велестово не е само културен настан, таа е е светилник на македонската поезија, но и на културниот живот на Охридскиот регион и пошироко.

Во мое лично име и во името на охриѓани ги поздравувам сите учесници кои покажаа интерес да го споделат својот поетски опус со нас. Вашите стихови нека бидат сведоштво за времето и за вечноста.

Искрено им се заблагодарувам и на организаторите, на сите оние кои, низ годините, со љубов, посветеност и визија ја одржуваат оваа манифестација.

Нашата локална самоуправа, ќе продолжи да дава поддршка за овој поетски настан и ве уверувам дека и понатаму ќе стоиме зад ваквите убави проекти кои ја чуваат културната традиција на Охрид.

Охридскиот регион изобилува со уникатна природа и непроценлива историска вредност. Со сета своја убавина, тој претставува вистински поттик за уметност и совршено место за творење.

Затоа ги поканувам сите гости на манифестцијата да го искористат својот престој тука и да уживаат во сите културни знаменитости.

Почитувани, eден од нашите најпознати македонски поети Ацо Шопов напишал „Поезијата не е само збор, туку универзум на чувства и идеи“.

‎Нека оваа ноќ во Велестово биде универзум што не поврзува и инспирира. Нека оваа поетска манифестација продолжи да се развива, како значаен дел од нашето културно наследство и силен мотив за културна преродба на младите генерации, истакна Пецаков во своето обраќање.

Во рамки на програмата вчеравечер беше претставен портрет на Андреј Ал Асади, млад поет кој со своето досегашно творештво зазеде видно место во современата македонска поезија.

- Advertisement -
Ad image

‎Потоа се одржа поетско читање на гостите од странство Рошин Кели од Ирска, Фарид Хусеин од Азербејџан, Рената Јамбрешиќ Кирин од Хрватска, Мирослав Кирин од Хрватска, Поли Муканова од Бугарија и Анисија Ангел од Романија.

‎Вечерта беше збогатена со настап на музичкиот уметник  Игор Климовски, а беше отворена и изложба на слики од Стефан Младеновски.

Во рамките на манифестацијата која ќе трае до 17-ти август, ќе бидат промовирани книгите „Зебрано“ од хрватскиот поет Мирослав Кирин и „Како сон“ од Фарид Хусеин.

‎Исто така предвидени се уште две поетски читања на кои ќе настапат македонски и интернационални поети.

 

 

ЗА НАС

ОhridSky е ваш доверлив извор за сеопфатно и избалансирано покривање на вестите. Со посветеност на интегритет и точност, обезбедуваме длабинско известување кое ги открива приказните што се најважни.

© 2025 OhridSky. Сите права задржани.

Login to enjoy full advantages

Please login or subscribe to continue.

Go Premium!

Enjoy the full advantage of the premium access.

Stop following

Unfollow Cancel

Cancel subscription

Are you sure you want to cancel your subscription? You will lose your Premium access and stored playlists.

Go back Confirm cancellation