За 6 месеци Македонија ја посетиле скоро 400.000 странски туристи, тоа е раст од 20% споредено со лани, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
„Преземените мерки и добро планираните политики на Владата во секоја област, почнаа да го даваат својот резултат. Македонскиот туризам расте и се развива. Македонија станува посакувана дестинација за странски посетители кои сакаат да ги посетат македонските градови и села, езера и планини. Покрај природните убавини и богатства, туристите ја посетуваат Македонија и за да уживаат во прекрасната македонска традиционална кујна и во македонските вина“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.
Најновите податоци на Државната статистика покажуваат и дека во првите 6 месеци од годинава во посета на македонските туристички места дошле речиси 400.000 странски гости, се додава во соопштението.
„Вкупниот раст на туризмот во првото полугодие споредено со истиот период во 2024 година, изнесува 13,5 отсто. Исто така, раст има и кај реализираните ноќевања, кои во истиот период, споредено со првата половина од 2024 година, се зголемени за 8,5%. И ова не се само статистички бројки и податоци, тие претставуваат резултат на макотрпна и посветена работа на сите чинители во оваа владино раководство, кои не се штедат себеси, туку напротив целосно се вложуваат за да ги подобрат состојбите во државата“, се вели во соопштението.
Ваквите позитивни резултати претставуваат мотив Владата уште поинтензивно и попосветено да работи за реализација на поставените цели, Македонија да биде развиена и пристојно место за живеење, каде секој тука ќе ја гради иднината, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.