Сега е сосема јасно дека Турција не сака стабилност на Западен Балкан и дека сонува за оживување на Отоманската империја, изјави српскиот претседател Александар Вучиќ откако беше обзнаено дека Турција му испорача модерни дронови на Косово.
– Згрозен сум од однесувањето на Турција и грубото кршење на Повелбата на ОН и Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност, како и од континуираното вооружување на властите во Приштина – вели срспкиот лидер.
Според Вучиќ, Србија е мала земја, но „ние добро ја разбравме пораката“.
Белград ја протолкува испораката на дронови за Косово како „грубо мешање во регионалната безбедност“ и како предизборна поддршка за косовскиот премиер Албин Курти, кој, пак, триумфално објави дека Косово сега располага со илјадници беспилотни летала.
Какви дронови му испорача Турција на Косово? Според објавите во медиумите и снимките на социјалните мрежи, се работи за новите „Skydagger“, но и претходно набавените TB2 „Bayraktar“ и американските „Puma“. Косовскиот премиер тврди дека повеќе единици веќе се обучени да ги користат новите дронови и најави „понатамошно зајакнување на ударната моќ на армијата“.
Меѓутоа, Белград тврди дека потегот е директно насочен против Србија. Според Петар Петковиќ, директор на Канцеларијата за Косово и Метохија, испораката на дроновите три месеци пред планираниот рок „не е случајна“, туку „јасен сигнал во корист на Курти пред изборите на 12 октомври“.
Во јавноста во Србија веќе кружат најави дека земјата, преку законски измени, може да воведе задолжителен воен рок од 2026 година како дел од стратегијата за зајакнување на одбранбените капацитети.
Идејата ја пласираа неколку високи воени команданти и дел од владиниот врв, повикувајќи се на ригорозни безбедносни предизвици во регионот и неопходноста државата да се подготви за сценарија на криза.
Претходно, Србија веќе се обидуваше да го врати општиот рок. Во 2024 беше усвоена одлука министерската група да подготви законска рамка за враќање на конскрипција (обука на 60 дена + 15 дена вежби) за мажи, при што жените остануваат на доброволна основа.
Во меѓувреме, односите меѓу САД и Косово преживуваат фази на напнатост. Суспензијата на планираниот стратегиски дијалог од страна на САД укажува на тоа дека Вашингтон се дистанцира од курсот на Курти кога смета дека косовскиот лидер презема контроверзни чекори.
Ваквата промена на курсот на САД кон Косово неодамна ја коментираше премиерот на Албанија, Еди Рама, на конференција „Albania, New Horizons“ во Виена.
– Косово не треба да мисли на Србија, не треба да ја гледа Србија, не треба да знае што Србија прави. Треба да ја напише својата домашна задача и да го поднесе пред Европската Унија целото свое домашно тетратче – изјави Рама алудирајќи дека САД очекуваат од Косов да заврши одредени обврски кои ги презело во однос на Србија.