Во рамки на тековните активности од областа на сузбивање на недозволената трговија со дрога, полициски службеници од различни полициски единици во текот на септември, во неколку различни случаи, уапсиле повеќе од 100 лица, меѓу кои и неколку малолетници, соопшти Министерството за внатрешни работи.
МВР информира дека во овие акции, при извршени лични прегледи и претреси на возила, биле откриени и запленети поголема количина марихуана, бела грутчеста материја, бела прашкаста материја, кафена прашкаста материја, МДМА таблети, амфетамин, хероин, дробилки…
„Исто така, врз основа на извршени претреси во текот на изминатиот месец, покрај откривањето и заплената на одредени количини марихуана, кокаин, хашиш, амфетамин и дробилки, во околу десеттина различни случаи беа лишени од слобода и беа поднесени кривични пријави против повеќе од 15 лица како осомничени за сторено кривично дело по член 215 од КЗ на РСМ.
Воедно на Граничниот премин „Табановце“ во септември при влез во земјава, во неколку одвоени случаи, кај српски, унгарски, австриски и белгиски државјани, исто така беа откриени кокаин, амфетамин и марихуана.
Во текот на септември на регионалниот пат Битола-Прилеп полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција, СВР Битола и САЕ Тигар од Бирото за јавна безбедност при МВР, во рамки на засилените активности во борбата против недозволена трговија со дрога, спречија транспорт на околу 35 килограми марихуана“ – соопштува Министервото за внатрешни работи на својот профил на Фејсбук.