Во следните три години ќе бидат издвоени околу 90 милиони евра за задолжителниот воен рок, што треба да трае 75 дена, е наведено во предлог-законот за буџетот на Србија за 2026 година. Буџетот предвидува и изградба на објекти и инфраструктура.
Пред 2 месеца, министерот за одбрана Братислав Гашиќ рече дека очекува првите регрути да бидат во касарните во следната година. Планот е годишно во касарните да влегуваат по 20.000 регрути.
Ввоената служба ќе трае 75 дена, од кои 15 дена ќе бидат обука на терен.
Владините претставници претходно објавија дека таа обврска ќе биде повторно воведена поради влошувањето на безбедносната состојба во светот.
Како што претходно беше најавено, првата генерација војници ќе ја отслужуваат својата редовна воена служба во јануари или во март 2026 година. Пред војската да се врати во касарните, потребно е Собранието да го усвои законот за воена служба.
Воената служба во Србија беше укината во јануари 2011 година.



























