Најмалку 23 лица загинаа во израелски воздушен напад кој погоди станбена зграда во северниот дел на Газа, додека се појавија информации дека израелската армија се подготвува да го заземе целиот град Рафах како дел од новонајавениот безбедносен коридор, пишува Гардијан.
Лекарите во болницата Ал Ахли соопштија дека во вчерашниот напад на четирикатница во предградието на Газа, Шијаја, загинале најмалку осум жени и деца, додека спасувачите продолжиле да бараат преживеани до вечерта. Израелската војска соопшти дека цел на нападот бил висок член на Хамас.
Според ОН, речиси 400.000 луѓе биле принудени да ги напуштат своите домови или засолништа откако Израел одлучи да го прекине двомесечниот прекин на огнот со Хамас на 2 март, прекинувајќи го протокот на помош, храна и гориво, а две недели подоцна продолжи со интензивното бомбардирање. Локалното министерство за здравство соопшти дека оттогаш се убиени 1.500 луѓе, а 3.700 се повредени.
Претходно оваа недела, Хамас истрела најтешкиот налет на ракети врз Израел од прекинот на примирјето, насочувајќи десет проектили кон јужниот град Ашкелон, при што беа повредени 12 лица.
Израелските власти велат дека обновената воена кампања има за цел да изврши притисок врз Хамас да ги ослободи израелските заложници. Израелските одбранбени сили (ИДФ) издадоа наредби за масовна евакуација, при што премиерот Бенјамин Нетанјаху вети дека ќе „подели“ и ќе заземе големи делови од територијата.
Во средата, израелскиот дневен весник Хаарец објави дека ИД се подготвува да го вклучи целиот град Рафа и неговата околина – една петтина од вкупната површина на Појасот Газа – во новиот „Коридор Мораг“ меѓу Рафах и Кан Јунис. Таквиот потег ќе ја отсече Газа од Египет и ќе ја претвори територијата во енклава целосно опкружена од Израел.