Ветеринарната инспекција на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство на Србија изврши вонреден инспекциски надзор во нерегистриран објект во градот Трнава во општина Чачак, каде што пронајде 14.570 килограми свежо месо и месни производи, кои биле во оптек спротивно на законските прописи.
Објектот каде што е пронајдено месото, откриено врз основа на пријава од граѓанин, не е регистриран за продажба на храна од животинско потекло и нема решение од Министерството, ниту пак таму се спроведуваат пропишаните ветеринарни и санитарни контроли, се вели во соопштението.
Ова е потенцијално сериозен ризик за здравјето на луѓето, поради што Ветеринарната инспекција веднаш донесе решение за повлекување на целата количина од промет, а пронајдената храна од животинско потекло беше безопасно уништена, согласно прописите, соопшти Министерството.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство апелираше до сите учесници во трговијата со храна да ги почитуваат законските прописи, бидејќи заштитата на здравјето на граѓаните е апсолутен приоритет.