Шефот на Алфабет, Сундар Пичаи, предупреди дека ниту една компанија нема да остане имуна ако „пукне балонот“ со вештачката интелигенција.
Во ексклузивно интервју за Би-Би-Си, тој оцени дека сегашниот инвестиционен бум е „екстраординарен момент“, но дека во него постојат и „елементи на ирационалност“.
Пичаи зборува во време кога вредностите на компаниите за ВИ технологии нагло растат, а аналитичари сè почесто предупредуваат на преголеми вложувања и повторување на сценарија како дотком-балонот од 2000 година.
– Мислам дека ниедна компанија нема да биде имуна, вклучително и ние – рече тој, додавајќи дека индустријата знае да „претера“ во инвестициски циклуси.
Во интервјуто тој се осврна и на брзиот раст на Алфабет, чија вредност се удвои за само седум месеци и достигна 3,5 трилиони долари. Гугл инвестира во сопствени ВИ-чипови и се обидува да се спротивстави на конкуренцијата од „Nvidia“ и „OpenAI“. Според Пичаи, предноста на Гугл е што ја контролира целата технолошка „вертикала“ – од чипови, преку модели, до огромни бази на податоци како Јутуб.
Тој потврди и дека компанијата ќе го прошири присуството во Обединетото Кралство, вклучително и со истражувања преку „DeepMind“. Првпат најави и дека моделите на Гугл со време ќе се тренираат во Британија, чекор што британската влада го гледа како можност земјата да стане „третата ВИ суперсила“.
Но со растот доаѓаат и грижи. Пичаи предупреди дека ВИ веќе троши 1,5% од светската електрична енергија и дека ќе бидат потребни нови извори и поголема инфраструктура. Призна и дека ова темпо може да ја забави климатската агенда на Google, иако целта за нето-нула емисии до 2030 останува.
Пичаи смета дека ВИ ќе го трансформира пазарот на труд, но ќе отвори и нови можности.
– Сите професии ќе постојат, но ќе напредуваат оние што ќе научат да ги користат новите алатки – вели тој.




























