Животозагрозувачките вртложни струи и другите опасности од ураганот Ерин, кој стигна на источниот брег на САД, ќе траат барем уште неколку дена, соопштија властите, додека бурата се движи кон север, објави Би-Би-Си.
Бурата веќе предизвика обилни врнежи на делови од атлантскиот брег, вклучително и во Оутер Бенкс во Северна Каролина, систем од острови.
Националниот центар за урагани (НХЦ) соопшти дека условите на тропска бура таму ќе продолжат и в четврток, а ќе почнат да ја зафаќаат и Вирџинија. Понатаму на север, вклучително и во делови од Новa Англија, се издадени предупредувања за силни ветрови.
Иако не се очекува Ерин директно да удри на копно, неговите ефекти веќе се чувствуваат преку затворањето на плажи, заканите од поплави и преку затворањето на патиштата.
Бурата и понатаму е голем и растечки ураган
Бурата и понатаму е „голем и растечки ураган“ со максимални постојани ветрови од околу 165 километри на час, според НХЦ.
„Животозагрозувачки бранови и вртложни струи ќе беснеат долж источниот брег на САД во следните неколку дена,“ предупреди Националната метеоролошка служба (НВС).
Што е врложна струја?
Вртложната струја е воден тек што се движи кон морето и може да повлече луѓе со себе, додека „опасни бранови“ се однесува на силни удари на водата што претставуваат закана за капачите.
„Посетителите на плажите треба да ги следат советите од спасителите, локалните власти и на предупредувачките знамиња,“ додаде НВС.
Американските метеоролози претходно предупредија дека сезоната на урагани во 2025 година, која трае од 1 јуни до 30 ноември, може да донесе натпросечен број бури.
Потоплите морски температури, веројатно последица на климатските промени, и поволните атмосферски услови се причините за таквата прогноза.
Вонредна состојба во Северна Каролина
Во Северна Каролина, која сè уште закрепнува од минатогодишниот ураган Хелен, гувернерот Џош Стајн прогласи вонредна состојба.
Стајн ги повика капачите да не влегуваат во морето откако десетици луѓе мораа да бидат спасувани во близина на плажата Рајтсвил во понеделникот.
Во Оутер Бенкс беше наредена евакуација на заедниците Хатерас и Окракок од страв дека може да останат отсечени од другите острови.
Сопственичката на мотел во Хатерас, 96-годишната Керол Дилон, изјавила:
– На моја возраст, го прифаќаш она што доаѓа.
Но, таа се плаши дека бурата може да ја однесе земјата врз која е изграден нејзиниот објект.
– Ова е нашата егзистенција. Можеме да ги изгубиме тие 2 згради што сега се во водата. Се надевам дека нема, многу се молам – рекла жената.
Ерин, првиот ураган во Атлантикот за сезоната 2025, достигна категорија 5 во саботата. Оттогаш силата му варира, а моментално е класифициран како категорија 2.
На островите Туркс и Каикос, британска прекуморска територија, властите ги суспендираа јавните служби на најголемиот остров додека траеше бурата.
Во Порторико, повеќе од 150.000 луѓе останаа без струја откако силните ветрови ги оштетија електричните водови, според локалната енергетска компанија „Лума“.