Вкупната вредност на извозот на стоки во периодот јануари – август 2025 година, изнесува 5,867 милијарди американски долари и бележи пораст од 4,3% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, во периодот јануари – август 2025 година, изнесува 8,376 милијарди долари што е за 5,3% повеќе во споредба со истиот период од претходната година.
Ова го покажуваат статистичките податоци објавени денеска.
Покриеноста на увозот со извоз изнесува 70%, а трговскиот дефицит е 2,5 милијарди долари.
Во денари вкупната вредност на извозот на стоки во периодот јануари – август 2025 година, изнесува 325.133.2 милиони денари и бележи пораст од 1,8% во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, во периодот јануари – август 2025 година, изнесува 464.340.0 милиони денари, што е за 2,7% повеќе во споредба со истиот период од претходната година.
Трговската размена по производи според Стандардната меѓународна трговска класификација покажува дека во извозот најголемо е учеството на: катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, деловите на седишта од подгрупата 821.1 и други катализатори на носачи.
Во увозот најмногу се застапени: нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, платината и легурите на платина, необработени или во прав и електричната енергија.
Во периодот јануари – август 2025 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, најмногу се тргувало со Германија, Велика Британија, Кина, Грција и Србија, кои учествуваат со 47,7 % во вкупниот обем на размената.
Земјите членки на Европската Унија учествуваат со 59,8 % во вкупната размена.