Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека, доколку претстојната средба со рускиот лидер Владимир Путин помине успешно, брзо ќе иницира втора средба, овој пат заедно со украинскиот претседател Володимир Зеленски.
– Ако првата помине добро, многу брзо ќе имаме втора. Би сакал тоа да се случи речиси веднаш, и многу брзо да имаме средба меѓу претседателот Путин, претседателот Зеленски и мене. Би бил среќен да бидам таму – рече Трамп пред новинарите.
Првиот состанок меѓу Трамп и Путин е закажан за петок во американската воена база во Енкориџ, Алјаска. Според американскиот лидер, целта е да се разговара за начините за ставање крај на војната во Украина.
Трамп, исто така, предупреди дека Русија ќе се соочи со „многу тешки последици“ доколку Путин одбие мировен договор.
– Да, ќе има – нагласи тој, без да открие детали. Претходно најави дека е подготвен да воведе строги економски санкции против Москва ако не се постигне напредок кон мир.
Американскиот претседател изрази желба за трилатерален самит на кој би учествувале САД, Русија и Украина, откако претходно истиот ден учествуваше во виртуелни консултации со Зеленски и со лидерите на неколку европски држави, како и претставници на ЕУ и НАТО.
Трамп изјави дека имал „многу добар разговор“ со европските лидери, вклучувајќи го и украинскиот претседател Володимир Зеленски, додека се подготвува за самитот в петок со рускиот лидер Владимир Путин.
– Имавме многу добар разговор…. Би го оценил (разговорот) со 10. Знаете – многу, многу пријателски – им рече тој на новинарите за време на настан во Центарот Кенеди во Вашингтон.