Американскиот претседател Доналд Трамп денес се пошегува за идејата за спојување на Канада и САД за време на состанокот со канадскиот премиер Марк Карни во Белата куќа.
Карни почна да кажува: „…и најважното нешто…“, на што Трамп го прекина велејќи: „спојување на Канада и Соединетите Американски Држави“, што предизвика смеа во просторијата, пренесе „NBC News“.
– Не мислев на тоа – одговори Карни на забелешката на Трамп.
Трамп рече дека ќе разговара со канадскиот премиер за нивото на царините.
– Не сакаме да се натпреваруваме. Постои природен бизнис конфликт меѓу двете земји. Американците не сакаат автомобили произведени во Канада. Сакаме Канада да напредува, но има граница и ние го сакаме тоа – рече тој.
Како што објави Ројтерс, Трамп рече дека Канада би била задоволна со царините и дека САД ќе се однесуваат праведно кон Канада.
– Договорот со Канада ќе биде сеопфатен – нагласи Трамп.
Тој им рече на новинарите во Овалната соба за време на разговорите со канадскиот премиер дека Соединетите Американски Држави тесно соработуваат со Канада на системот за ракетна одбрана „Златна купола“.
– Веднаш ми се допадна (Карни) и имаме добар однос. Имаме нормален трговски конфликт, но најверојатно ќе го решиме – истакна Трамп.
И Карни верува дека ќе се изнајде решение за спорот со царините кои ги нарушија билатералните односи и ја ослабеа канадската економија.
За разлика од другите големи сојузници на САД, вклучувајќи ја и Европска Унија, Канада сè уште не склучила сеопфатен трговски договор со својот сосед и главен економски партнер.
Влоговите се високи за Канада, чии 75 проценти од извозот одат кај нејзиниот јужен сосед и чиј бруто домашен производ (БДП) се намали за околу 1,5 проценти во вториот квартал.
Трамп воведе царини за дрвена граѓа, алуминиум, челик и автомобилска индустрија во Канада. Тој вчера додаде царини за тешки товарни возила увезени во САД, кои ќе бидат оданочени со стапка од 25 проценти почнувајќи од 1 ноември.