Американскиот претседател, Доналд Трамп, е „целосно способен“ да ги извршува должностите на претседател, се наведува во меморандумот што Белата куќа го објави денеска по редовниот годишен лекарски преглед на Трамп.
Во белешката се наведени резултатите од лабораториските тестови, физичките прегледи и когнитивниот тест и се заклучува дека Трамп се уште е во „одлично здравје“.
Според извештајот, Трамп тежи околу 101,6 килограми и е висок 190,5 сантиметри. Во мирување, пулсот му е 62 отчукувања во минута, а крвниот притисок е 128/74 mmHg.
Трамп постигна 30 од 30 на тестот за когнитивна проценка во Montreal Cognitive Assessment test, се додава во белешката.
Испитувањата на различни системи во телото покажале нормални резултати, вклучувајќи ги очите, главата, ушите, носот и грлото. Лекарот забележал лузна на десното уво, резултат на атентатот кој Трамп го преживеа во Пенсилванија минатата година.
„Претседателот има силна кардиолошка, пулмонална, невролошка и општа функција на телото. Неговиот активен животен стил значително придонесува за неговото здравје“, напиша д-р Шон Барбабела.
Како доказ за тој начин на живот, Барбабела го наведува учеството на Трамп на состаноци, јавни настапи и „честите победи на турнирите во голф“.
Барбабела, исто така, изјави дека колоноскопијата минатото лето покажала дека претседателот има дивертикулитис, воспаление предизвикано од формирање на мали кесички (дивертикули) во ѕидот на дебелото црево. Иако често нема симптоми, дивертикулитисот може да предизвика непријатност и повремено крварење.
Во документот се наведува и дека Трамп претходно имал операција на катаракта, но не е прецизирано кога.
„Претседателот Трамп демонстрира одлично когнитивно и физичко здравје и е целосно способен да ги извршува должностите на врховен командант и шеф на државата“, се заклучува во меморандумот.