Најтрофејниот тенисер на сите времиња, Новак Ѓоковиќ, го прифатил повикот на креаторите на најамбициозниот спортски проект последниве години – нова кошаркарска лига што ќе ѝ биде директен ривал на НБА.
Зад иницијативата стои Џеф Прентис, коосновач на Скајп, кој во партнерство со поранешниот менаџер на Фејсбук, Грејди Барнет, го подготвува таканаречениот „Проект Б“, пренесува Мондо.
Оваа нова лига, според најавите, треба да стартува есента 2026 година.
Меѓу инвеститорите, покрај Ѓоковиќ, се најдоа и имиња како поранешниот НФЛ играч Стив Јанг, тенисерката Слоун Стивенс и неколку легенди од женската НБА. Поддршка дошла и од владите на Сингапур и Саудиска Арабија, како и од инвеститори од казината во Макао.
Седиштето на новата лига треба да биде во Сингапур, а натпреварите ќе се одвиваат на три континенти – Европа, Азија и Америка.
Притоа, организацијата предвидува шест тимови со по 11 играчи, кои ќе настапуваат на седум двонеделни турнири низ светските метрополи. Според планот, женската лига ќе добие трипати повисоки хонорари во однос на сегашната ВНБА, со што проектот добива и димензија на рамноправност меѓу половите.
Уште повозбудливо е тоа што, според изворите блиски до проектот, во подготвителната фаза биле вклучени и легендарниот Леброн Џејмс, преку својот бизнис-партнер Маверик Картер, како и српскиот менаџер Мишко Ражнатовиќ.
Веста веднаш поттикна шпекулации дека во лигата би можеле да се појават и најголемите имиња од светската кошарка.
Сепак, челникот на НБА, Адам Силвер, не гледа опасност во овој потег.
– Секој има право да создаде свое натпреварување. Конкуренцијата е здрава работа, таа ги држи сите на нозе – изјави Силвер.