Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, денеска оствари средба со новоименуваниот амбасадор на Кралството Шведска во Република Северна Македонија, Ола Сулстром, на која беа разгледани прашања од стратешко значење за европската интеграција на земјата, спроведувањето на Реформската агенда во рамките на Планот за раст на Европската Унија за Западен Балкан, како и можностите за продлабочување на билатералната и развојната соработка.
Министерот Муртезани, како Национален координатор за спроведување на Реформската агенда, информираше за тековните активности што Владата ги презема во насока на унапредување на владеењето на правото, подобрување на деловното опкружување и зголемување на административните капацитети за спроведување на европските политики. Тој посочи дека Владата активно ги усогласува своите реформски приоритети со целите на Планот за раст, со особен фокус на структурните промени кои овозможуваат побрза интеграција во единствениот европски пазар.
Министерот ја истакна значајната улога на Кралството Шведска како еден од најдоследните поддржувачи на европската перспектива на земјата, при што посебно ја нагласи развојната соработка во рамките на Шведската стратегија за реформска соработка со Западен Балкан и Турција (2021-2027), која преку Шведската агенција за меѓународна развојна соработка (СИДА) придонесува за напредок во областите на демократијата, владеењето на правото, човековите права, родовата рамноправност и заштитата на животната средина. Тој рече дека СИДА останува пример за долгорочен и кохерентен донаторски ангажман, преку кој се реализираат бројни институционални и општествени проекти во согласност со националните приоритети.
Од шведска страна, амбасадорот Сулстром ја потврди подготвеноста на Шведска за натамошно унапредување на постојната соработка и за поддршка на реформските процеси на Северна Македонија во контекст на нејзините европски интеграции. Министерот и Амбасадорот ја реафирмираа заедничката определба за продолжување на интензивната техничка и експертска соработка преку програмите „Твининг“ и „TАЕКС“ (IPA Twinning и TAIEX), кои претставуваат клучни инструменти за пренос на европското знаење и искуство во процесот на усогласување со acquis communautaire. Муртезани и Сулстром оценија дека билатералните односи меѓу Северна Македонија и Шведска се одликуваат со стабилност, заемно почитување и континуирано јакнење, што претставува вистинска основа за нивно натамошно унапредување во духот на европската соработка и заедничките вредности.