Српскиот тенисер Новак Ѓоковиќ доживеа неочекуван пораз во полуфиналето на Мастерсот во Шангај, каде што загуби од Валентин Вашеро од Монако со 3:6 и 4:6. Натпреварот траеше 1 час и 40 минути, а Ѓоковиќ во текот на мечот три пати повика физиотерапевт, кој му го масираше грбот и левиот бут, што дополнително го отежна неговиот настап.
Вашеро, кој моментално е 204-ти на АТП-листата, одигра извонреден меч, сервираше 6 аса, направи 4 двојни грешки и искористи 3 од 6 брејк топки. Од друга страна, петтиот светски тенисер Ѓоковиќ имаше 5 аса, 5 двојни грешки и реализира 1 од 2 брејк топки.
Со овој триумф, дваесет и шестгодишниот Монакежанец избори свое прво финале на Мастерс турнир, со што направи едно од најголемите изненадувања во сезоната. Во финалето тој ќе го предизвика победникот од дуелот меѓу Данил Медведев и Артур Риндеркнеш.