Србија ѝ поставила рок од 50 дена на руската страна да ја продаде Нафтената индустрија на Србија (НИС), столбот на националната енергетика што ја држат американските санкции во парализа. Ако во тој рок не се појави купувач, државата ќе воведе принудна управа и потоа, како што изјави српскиот претседател Александар Вучиќ, ќе ѝ понуди на руската страна „највисока цена“, јави РИА Новости.
Меѓутоа, Вучиќ додал дека ни 50 дена не се доволни, дека „повеќе не можеме да издржиме“. Тој нагласил дека Србија сака да биде фер кон Русија и да го зачува пријателството, но и „да биде добар домаќин на секоја инвестиција“.
– Национализација нема да има, ние не сме ни комунисти ни фашисти – изјави Вучиќ.
Рафинеријата во Панчево, единствената во земјата, веќе го ограничила производството поради недостиг на сурова нафта. Американските санкции кон руските компании го блокирале снабдувањето.
Рускиот портал Праим известува дека Владата ја прифатила иницијативата на Вучиќ да предложи на САД временски простор од 50 дена за продажба на контролниот удел под санкции. Ако продажбата не се реализира, државата најпрво ќе ја преземе управата, а потоа ќе исплати „максимална цена“.
Но, ситуацијата станува критична. Според преносите на ТВ Карград, рафинеријата има уште само четири дена до целосно запирање. Како последица, функционирањето на здравствениот систем, пред сè на итната помош, би можело да биде сериозно загрозено.
– Србија е подготвена 50 дена да трпи сè, дури и ако рафинеријата не работи, ќе обезбедиме снабдување на пазарот – истакна Вучиќ.



























