Гувернерот на Народната банка попладнево соопшти дека се направени првите трансакции преку СЕПА системот.
„Историски ден за нашата држава! Денес се направени првите трансакции преку СЕПА – системот што ја приближува Македонија кон европското платежно подрачје. До 6 пати пониски трошоци за граѓаните. До 8 пати пониски трошоци за компаниите“, објави гувернерот Трајко Славески на платформата Икс.
Од денеска практично во државава почна примената на истите правила за прекугранични плаќања во евра како и во земјите од Европската Унија. Со приклучувањето кон СЕПА, прекуграничните плаќања во евра стануваат поевтини и побрзи како за граѓаните, така и за компаниите.
Приклучувањето кон СЕПА денеска го поздрави и министерката за финансии која оцени дека ова е значаен исчекор кон унапредување на условите за работење и живеење во Македонија, прилагодувајќи ги стандардите на земјата кон европските.



























