Италијанската јавност е шокирана по откривањето на скандалозната група на Фејсбук во која мажи споделувале интимни фотографии на жени, најчесто на своите сопруги или девојки, главно снимени без нивно знаење.
Фејсбук ја отстрани групата „Моја жена“ (Mia moglie), која имаше околу 31.000 членови, кои споделувале фотографии од разголени жени, жени кои спијат или од интимни моменти. Чести коментари под фотографиите биле пофалби за тајното снимање. Групата постоела од 2019 година.
Оние кои ги постирале фотографиите често прашувале „Што мислите за мојата сопруга“ или „Што би ѝ правеле на жена ми“.
Мета, матичната компанија на Фејсбук, потврди дека ја затворила страницата „поради кршење на политиките за сексуална експлоатација на возрасни“.
„Не дозволуваме содржина што се заканува или промовира сексуално насилство, сексуален напад или сексуална експлоатација на нашите платформи“, се наведува во соопштението од Мета.
Илјадници луѓе во Италија веќе ја пријавиле групата за кибер криминал. Во Италија од 2019 година одмаздничката порнографија или споделувањето на сексуално експлицитни содржини, што требало да останат приватни, е прогласена за незаконска.
Италијанската писателка Каролина Каприа изјави дека се чувствува мачно и е престрашена поради тоа што го видела.
– Ова поврзување на насилство со сексуалноста е толку вкоренето во нашата култура, мажите не ги кријат своите имиња и лица и пишуваат во јавна група – посочи Каприа.
Пратеничката на Европските зелени, Фиорела Забата наведе дека тоа не е само „само безопасна забава“, туку „виртуелно силување“.
– Мора да се бориме против овие платформи, против оваа токсична идеја за машкост, мора да се бориме и сите мора да преземеме акција, и граѓанското општество и политиката – посочи Забата.
Една жена на Фејсбук објави дека сопругот ѝ рекол дека постирал нејзини фотографии во групата. Таа се згрозила кога ги видела и веднаш ги избришала.
– Шокирана сум. Имаме двајца возрасни синови – напиша Италијанката.