Сите основни и средни училишта во Нови Пазар утрово добиле дојави за наводно поставени бомби, поради што учениците биле евакуирани пред почетокот на наставата. Е-поштата со заканите била забележана пред децата да влезат во училниците, па часовите во првата смена воопшто не започнале.
Истата ситуација е забележана и во други градови – Горњи Милановац, Белград, Ниш, Крагуевац, Нови Сад, Јагодина, Врање, каде полицијата веднаш реагирала и ги обезбедила сите објекти.
Полицијата во Нови Пазар и Пријепоље потврди дека учениците се безбедно изнесени и дека во тек се темелни проверки. Дојава за бомби има и во неколку училишта во Врање, а заканите пристигнале по е-пошта уште пред почетокот на наставата.
Во Белград, дојави добиле основните училишта „Јован Миодраговиќ“ во населбата Врачар, „Синиша Николајевиќ“ и „Стефан Немања“ во Сењак. Децата биле веднаш изнесени надвор, а родителите добиле известување дека нивните најмили се безбедни и дека училиштата се под полициска контрола.
Во Ваљево, дојава за поставена бомба стигнала во Техничкото и Земјоделското училиште, додека во Крагуевац е пријавено присуство на експлозив во две основни училишта.
Во Нови Сад и неколку други места во Војводина, меѓу кои Ковиљ, Зрењанин и Житиште, исто така биле пријавени наводно поставени експлозивни направи. Локалните портали објавија дека повеќе училишта се цел на заканите, но сите ученици биле навремено евакуирани.
Во моментов полицијата е на терен во сите наведени градови и детално ги проверува училишните објекти. Засега нема информации за пронајдени експлозивни направи, а надлежните институции најавија дека ќе продолжат со засилени безбедносни мерки сè додека ситуацијата целосно не се расчисти.